Централен ракометен настан денеска е настапот на ГРК Тиквеш во реванш натпреварот од првото коло во ЕХФ Европскиот Куп. Кавадарчани играат реванш против грчкиот претставник Драма. Првата средба одиграна минатиот викенд заврши со победа на грчкиот состав од 31-27.
Добрата вест за тренерот Грчевски е што во тимот ќе го има нигерскиот бек Ани Обина кој досега се покажа како еден од најкорисните играчи во тимот. Лошата е што нема да може да смета на Страхиња Симиќ кој се повреди уште во Струга, но беше со составот на првиот меч во Грција.
Натпреварот почнува во 19:00 часот. Цената на влезен билет е 300 денари. Салата „Јасмин“ би требало да биде полна, затоа што кавадаречкиот состав има активен резултат и реална шанса да се пласира во второто коло.
Но, четири гола воопшто и не се мала разлика и веројатно ќе биде игра на нерви денешната средба. Треба да се води сметка и дека веќе не важи правилото „гол повеќе на гости“, па ако мечот заврши со победа на ГРК Тиквеш од четири гола разлика, тогаш се преминува на изведување на седмерци.