Тесен пораз на Е. Пелистер во Париз

Photo: PSG Handball

ПСЖ - Е. ПЕЛИСТЕР 31-29 (18-13)
Сала: „Пјер де Кубертен“ во Париз. Гледачи: 1350. Судии: Адам Биро и Оливер Киш од Унгарија. Делегат: Јиржи Конечни од Чешка. 
ПСЖ: Палицка (10 одб), Солие, Марчан, Јахија 3, Стеинс 5, Нарсис, Соле 3, Тонесен, Гребиј 5, Шипжак 11, Карабатиќ, Пелека, Пранди 3, Плантан, Лоредо
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 4 мин.
Е. ПЕЛИСТЕР: Ивиќ (6 одб), Митревски, Манасков 4, Цехте 6, Ц. Кузманоски, Тајник 4, Борзаш, Радивојевиќ, Ф. Кузмановски 8, Абутовиќ, Ѓорговски, Петровиќ 1, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 6, Цикатиќ, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин. 

Македонскиот првак, Еурофарм Пелистер со тесен пораз ја почна новата сезона во Лигата на шампионите. Битолчани во првото коло гостуваа во Париз и оттаму се враќаат без бодови, но со пораз кој е тесен, а дури имаа шанса и барем со бод да се вратат македонските играчи. 
 
Јасна беше стратегијата на Бранко Ангеловски на овој меч, со бавна, смирена игра да се бара посигурна позиција во нападот, да не се дозволи побрз ритам што во секој случај би му одговарал на противникот и да се намали вкупниот број на грешки, но и на напади, па средбата да биде со што помалку погодоци, што во секој случај би му одговарало на Е. Пелистер. 

Парижаните уште во раната фаза на мечот обезбедија 3-4 гола предност, а со оглед на тоа дека мечот во оваа фаза немаше особен ритам и домашните не се форисраа. Раул очигледно беше задоволен што неговиот тим има контрола и доста ефикасно и лесно ги решава ситуациите во нападот, а и дека средбата оди кон сигурна победа во која нема да има поголеми возбудувања. Но, не беше „баш“ така. На крајот се потеа дланките и побрзо чукаше срцето и кај Раул и кај домашните фанови. 

На полувреме ПСЖ имаше предност од 18-13, а потоа во вториот дел во еден момент стигнаа и до плус осум (25-17). По ова немаше нов бран на парижаните, напротив. 
Е. Пелистер трпеливо ја играше својата игра, а трпението и комотното водство ги олабави домашните кои почнаа се почесто да грешат. 
Малку по малку почна да се топи предноста на ПСЖ, а битолчаните од неопасен, почнаа да се претвораат во потенцијално опасен противник. Во 55 минута, Е. Пелистер се доближи и на минус два (25-27). Погодија по ова Шипжак и Кузмановски за 28-26. Шипжак со својот 11 гол зголеми на 29-26, Кузмановски со проектил што ќе конкурира за гол на колото намали на 27-29. 
Гребиј на 2.5 минути до крајот постигна ефектен погодок за нови плус три (30-27), потоа погодија Пешевски и Манасков, за 29-30, а останаа уште 19 секунди до крајот и тајм аут за Раул. По ова Лук Стеинс ја запечати победата на домашните. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk