ЛШ: ПСЖ против Е. Пелистер, каде да гледате?

Денеска стартува новата сезона во Лигата на шампионите во машка конкуренција. Ова ќе биде 16-та сезона што се игра во актуелниот формат, со Фајналфор плус меч за трето место. Актуелен првак е Барса. Тие се воедно и најуспешната екипа низ целата историја со сите „формати“. Имаат освоено 12 шампионски титули и пет пати биле поразени во финалето. Зад нив со пет шампионски пехари е Гумерзбах, па со четири следат Кил и Магдебург...

Македонија ќе биде претставувана од Еурофарм Пелистер. Битолската платформа ги обедини во актуелниот клуб сите претходни достигнувања и шампионските титули на Пелистер, но (секогаш) има и друга страна на паричката, а таа во случајов му ги носи и резултатите од ЛШ. Така Е. Пелистер на минатогодишните 14 порази, има уште четири порази плус од сезоната 2004/2005, па во Лигата на шампионите во 2024/25 влегува со низа од 18 порази по ред. 
Резулатската цел во претстојната сезона ќе биде да се прекине овој низ и да стигнат првите бодови на салдото на македонската екипа. Првата и најбитната цел битолчани секако ја постигнаа. Најбитното и за нив и за македонскиот клупски ранкинг е што Е. Пелистер издејствува место во Лигата на шампионите, па така нема да има нова нула за македонските екипи во следното пребројување. За директно место во ЛШ, сепак, ќе треба да имаме барем две сезони по ред во кои нашите екипи ќе стигнат најмалку до елиминациската рунда. 

Првата средба на македонскиот првак е во Париз, против најскапиот тим на денешницата. ПСЖ има буџет од 17.5 милиони евра што е грубо пресметано, двапати повеќе од сите македонски ракометни клубови заедно. Гледајќи од овој, а и од кој било друг агол, ПСЖ е големиот фаворит. Е. Пелистер е одлободен од секаков резултатски притисок, освоен тој што го носи превисок пораз преслика. Дали ќе биде „успешен“ вечерашниот настап или нема, зависи од борбеноста што ќе ја демонстрираат битолчани на терен. 
Флоскула или не, никој не би требало да замери, доколку екипата на терен пружи максиум. Македонската публика, знае да го препознае тој момент и практично на Е. Пелистер му останува само да истрча и машки да се судри со големите ѕвезди на францускиот тим. 

А ПСЖ, пак, знае да „изненади“ со играта. Раул Гонзалез не успеа досега да склопи таква компактна средина каква што имаше во Вардар на времето или споредено со другите гиганти од тоа ниво како што се Барса, Магдебург, Кил... 
Ова ќе биде првата сезона во која нема да го има Никола Карабатиќ никаде околу себе и авотритетите и хиерархијата во клубот и на теренот ќе бидат изменети. Сите очи се свртени кон Елохим Пранди кој треба да се промовира нов лидер. Андреас Палицка, Лук Стеинс, Омар Јахија, Камил Шипжак ќе бидат поддршката и костурот околу кој ќе гравитира нивната игра. 

Натпреварот меѓу Е. Пелистер и ПСЖ ќе се игра во терминот од 20:45, а директно ќе биде пренесуван на ТВ Арена Спорт 3 Премиум. Претходно на истиот канал, ќе можете да го следите и дуелот меѓу Колстад и Барса со почеток од 18:45 минути. 

ЛШ, ДЕНЕСКА 
18:45 Алборг - Нант
18:45 Колстад - Барса (ТВ Арена Спорт 3 Премиум)
20:45 ПСЖ - Е. Пелистер (ТВ Арена Спорт 3 Премиум)
20:45 Спортинг - Висла Плоцк

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk