Во пет дена во новата сезона РК Алкалоид ги победи и Е. Пелистер и Вардар 1961, или вкупно четири победи на последните пет натпревари со двата македонски топ ракометни брендови има младиот тим од Автокоманда во моментов.
Ова беа победи на кои Алкалоид ги надигруваше противниците и кои ги натера првенствено фановите на Вардар и на Е. Пелистер да погледнат и во своите редови и вината да ја побараат во својот тим. По Битола, сега и во Скопје се бараат промени и оставки на тренерите. Додадена вредност на овие резултати е што македонски ракометари го носат товарот и играта на Алкалоид, наспроти легионерски настроените и резултатски ориентирани ривали.
Разликата е во концептот. Не го намалуваме придонесот на странците, но најмногу кредити од наша страна на последните два меча и кај поразените екипи заработија македонските ракометари.
Колку пак странците што се сега во Македонија придонесуваат за актуелните резултати, а и за македонските играчи покрај нив да растат, е тема за поинаква дискусија.
Алкалоид ги искачи првите две скалила и има причини за задоволство. Конечно, почна и низ резултати да се враќа количеството на вложен труд и знаење.
Тренерот Кирил Лазаров по натпреварот со должен респект за противниците кои воопшто не беа наивни и со пофалби за своите ракометари:
„Горд на моите играчи за тоа што го направија. Не е лесно, јас никогаш не сум ласкал на некој ако не заслужува. Еурофарм Пелистер и Вардар имаат одлични екипи со сериозни тимови и нема да биде лесно во продолжението на првенство. Тие и во своите европски натпревари ќе прават проблеми на големи екипи.
Горд сум, покажавме зрелост, работевме доста.
Можеби сме во подобра форма од двете екипи и победивме. Мислам дека пелистерци одиграа премногу натпревари во подготовките, а Вардар одигра доволно, но имаше и една празнина од две недели во кои не играше и немаше ритам. Мислам дека тука е нашата предност која ја искористивме. Имавме залет од освојувањето на Суперкупот, а и денес се покажавме во одлично светло“, изјави Лазаров.