Текст: Р. Ѓамовски
Со натпреварот меѓу Бутел Скопје и Куманово што ќе почне утре во 15:00 часот ќе биде крената завесата на новата 2024/25 ракометна сезона во Македонија. Сезона што ќе ја одбележат крупни промени по кои не можеме ниту да предвидуваме во кој правец ќе оди ракометот ниту краткорчно, а за подолг период и да не зборуваме.
ПРОМЕНА НА РАКОВОДСТВОТО НА РФМ
Раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), кое успешно го водеше македонскиот ракомет и креираше стратегии за развој во последните 12 години, ќе замине во март. Со должна почит кон претходните раководни структури, секоја од нив во своето време стави свој печат, сметаме дека оваа постава беше најпрофесионална и најдобрата досега. Со нивното ракометно наследство ќе се занимаваме повеќе во февруари и март. Сега ќе напоменеме само дека поставија систем, логистика и донесоа финансиска стабилност.
Системот се градеше долго време, но сега функцинира и тоа толку добро што изгледа како да е тоа рутина, па се појавија струи што мислат дека можат да го прават истото, па дури и подобро. Ќе видиме дали е тоа така кога ќе дојде време, на новиот претседател кој и да е тој што ќе има таква амбиција, во моментов би му препорачале да почне уште веднаш да се екипира, затоа што да се води ваква федерација е сѐ освен лесно, а патот надолу е многу брз.
ЛИГА СО 12 МЕСТО ЛИГА СО 16
Првата промена, пак, е кратењето на лигата од 16 на 12 клуба. Кратењето беше извршено под притисок на клубовите, проследено со исмејување и девалвирање на системот со 16 екипи кој ни донесе и супер интересни плејоф-плејаут шампионати и простор за млади македонски играчи да играат во најсилна конкуренција.
Но, тоа не чинеше. Се сеќавате сигурно на: „Кој стигне игра во Суперлига“ или „Ајде сите во Суперлига“. Или пак на пакосните тези низ кулоарите дека лигата се проширила за РК Алкалоид да може влезе во Суперлига, а потоа и да победи некого. Гледаме низ резултатите на клубот колку е тоа веродостојно.
Но, ајде сега да видиме што ни донесе извиканото кратење?
Новата лига ги уништи или разниша трите најголеми фабрики за млади играчи - РК Голден Арт, РК Еурофарм Пелистер 2 и РК Мулти Есенс. Екипите што продуцираа најмногу млади играчи и што се столбот на нашите јуниори (9 место на СП и 9 место на ЕП) и кадетските играчи.
Трите клуба тргнаа по различен пат. Голден Арт стави катанец на врата, РК Мулти Есенс ги олободи своите потенцијали низ други клубови, а Е. Пелистер 2 реши да ги задржи грото играчи и да го враќа клубот во најсилна конкуренција.
Сега јуниорите се извадени од својот систем на игра и развој, а тој систем им донесе 9 место на СП и 9 место на ЕП и се принудени да играат или во нови средини или во Прва лига. Дали е тоа добро или не, ќе видиме следниот јули.
Нѐ плаши само на крајот да не излезе дека од „Кој стигне игра во Суперлига“ ќе настрадаат нашите јуниори.
КОНЦЕНТРАЦИЈА НА КВАЛИТЕТ
„Концентрацијата на квалитет“ пишуваше на многу пароли и барјаци кога се бараше помала лига. Концентрацијата на квалитет е флоскула, прикаска. Тоа што неколку клуба ќе си добијат пар играчи на сметка на други што ќе згаснат или ќе завршат во Прва лига не е концентрација на квалитет.
Концентрација на квалитет е можна кога повеќето клубови ќе засукаат ракави, ќе направат вистински тренажен процес, ќе овозможат основни услови за работа со млади што сега ги немаат, а тоа се „високите“ стандарди од типот светло, струја, топла вода, термини во сала... и потоа од утро до мрак на работа во „рудникот“. Кога ќе имаат во своите редови барем 4-5 домашни квалитетни продукти и кога ќе стигне првиот преоден рок, квалитетот ќе се сконцентрира, тоа е повеќе природен процес.
Од друга страна, скратената лига ќе ни донесе повеќе поинтересни натпревари.
Ама само во есенскиот дел. Пролетниот дел беше интересен и кога имаше 16 екипи и сега ќе биде исто. Есенва ќе имаме посилни и подобри дуели, тоа е факт што нема да го спориме.
Колку ќе има корист од тоа, особено кога станува збор за репрезентацијата, исто така ќе видиме.
За се друго, кога ќе се сетиме дека не толку одамна имавме лига во која во есенскиот дел двете најдобри екипи воопшто и не играа и тоа никому, а особено на нив не им пречеше, од промената на системот не очекуваме некоја голема корист.
ФАВОРИТИ И АУТСАЈДЕРИ
Македонската Суперлига во 80 % се сведува на борба и бркање резултат како единствено мерило за тоа што се сработило. Нема „ништо“ лошо ни во тоа, така функционираме со чест на исклучоци повеќе од 30 години. Така ќе биде и во сезоната 2024/25.
Тоа си носи и свои принципи на функционирање, па така, веројатно нема да погрешиме ако уште сега кажеме дека шампион ќе биде тимот што ќе потроши најмногу пари или ќе купи најдобри странци.
Истото важи и за целиот пласман на табелата. Меѓу Еурофарм Пелистер, Вардар 1961, ГРК Охрид и ГРК Тиквеш се наоѓа и Алкалоид, како единствен тим што во најголем дел со македонски кадар се обидува да направи резултат. Тие се кадарни да помрсат сметки, видовме на Суперкуп, но првенството е долго, а споменатите клубови се исто така кадарни да помрсат сметки.
Вардар и Пелистер ги гледаме како два топ фаворита за шампионскиот пехар. Од вториот ред на стартно-целната рамнина ќе ги сместиме Алкалоид и Охрид, а во третиот ред е Тиквеш. Кавадарчани со погрешната проценка за тренер и повредите на Симиќ и Шулески и секогаш ровитиот Обина се пред старт што може да не е посакуван. Заедно со нив е Бутел Скопје и тука некаде би го ставиле и Пролет или можеби еден од Прилеп или Куманово како тим кој ќе се бори за плејоф.
Од друга страна, Куманово, Струга, Бисинов, Радовиш и Прилеп се на хартија екипите што можеби неспортски, но ги гледаме како плејаут протагонисти.
ПРВО КОЛО
Распоред на натпреварите од првото коло:
САБОТА
15:00 Бутел Скопје – Куманово
16:00 Струга – Бисинов Фриут Ленд
18:30 Прилеп – Пролет 62
19:00 Радовиш – Охрид
19:00 ГРК Тиквеш – Е. Пелистер
НЕДЕЛА:
19:00 Алкалоид – Вардар 1961
Поврзани вести