Големи бранови крена Суперкуп дуелот одигран во Гевгелија меѓу актуелниот првак Еурофарм Пелистер и бранителот на Куп пехарот, Алкалоид во предпремиерата на новата суперлигашка сезона.
Во битката за првиот пехар, победи помладиот тим. Клуб што кој најмногу е напаѓан и критикуван во ракометните кругови уште од формирањето, иако парадоксално, сржта на концептот на тој клуб е развој на македонски играчи. Дел од нив се репрезентативци, со потенцијал да бидат столбовите на националниот тим во времињата што ќе дојдат. На Суперкуп пресметката беа со само еден странски играч на теренот.
Првакот има поинаков концепт. Тоа е во Македонија најскапиот ракометен натпреварувачко-резултатски ориентиран тим. Сржта на тој концепт е да освојува пехари и на тој принцип е склопен тим што ќе нѐ претставува и во европската елита веќе од следната недела. Тим со бројни странски засилувања од кои дел имаат сосема респектабилно резиме, а и македонскиот дел од ростерот се поискусните репрезентативци.
Резултатски беа настроени и во подготовките, но тоа во Суперкуп не им донесе предност, туку напротив.
Во Гевгелија на теренот подобро осмислен, спремен и подготвен изгледаше Алкалоид. Особено во првото полувреме во кое од почетокот двата тима прифатија да играат ракомет што обично го гледаме само на ТВ.
Кон средината на полувремето, почна да станува јасно дека првакот нема да (може да) го следи тој ритам и како одминуваше времето, од колектив станаа индивидуалци, но барем на тој меч, индивидуалниот квалитет не донесе пресврт, туку нервоза.
Алкалоид, заслужи комплименти и симната шапка, особено ако земеме предвид како беше склопен и на кое ниво беа истиве овие играчи пред две години и каде се сега. Иако нивниот напредок е неспорен и евидентен, нема да претеруваме со фалбите. Пред нив се уште многу успеси и падови, но по две комплетни сезони, можеме да подвлечене дека тоа што се гради под палката на Кирил Лазаров во Автокоманда има цврста основа и очекуваме да одат уште напред.
Од тој аспект сезоната е успешна, а уште непочнала. Еден пехар веќе имаат. Сега може и поопуштено во битката за другите три.
Дали истото важи и битолскиот состав, особено за македонскиот дел, проценете сами. Тие имаат отворена врата за прогрес подобра од таа на Алкалоид. Сепак, ќе играат 14 натпревари во ЛШ, ќе можат директно да се одмеруваат со најдобрите во светот и да учат од нив. Тоа е шанса што секој тренер би ја посакал за да го изгради својот тим. Со засукани ракави и погодена стратегија би можеле да напредуваат. Како и да е, Битола е на потег, што ќе направат, ќе видиме. Во моментов таму е прилично еуфорично, се бараат одговорност, оставки, откази...
На хартија се на повисоко ниво, но и поголеми се очекувањата од нив, а за да им се излезе нив во пресрет на тие очекувања, мораат да менуваат, да се „бараат“, да носат нови играчи. Колку во тој процес ќе напредуваат македонските играчи е под прашалник. На Суперкуп, дел од нив покажаа жар, желба, а и квалитет, но и со нив е потребно внимание, континуитет, развојна стратегија, вистинска шанса место тие нешто минути на терен и уште многу што, но тоа си е работа на тренерот и тука не би коментирале.
Првенството што следи и битката за уште два домашни пехари би требало да биде интересна. Ова ќе биде сезона на големи промени за македонскиот ракомет, а кој правец ќе го фати целиот спорт од март, ќе бидеме сведоци и ќе видиме.
Поврзани вести