Е. Пелистер против Татабања, каде да гледате?

Екипата на Е. Пелистер имаше успешен старт на 55 издание на турнирот во Добој. На премиерниот меч, битолчани ја совладаа екипата на Ц. Звезда од Белград, минимално, 28-27 и денеска ќе играат за да ја спречат промоцијата на Татабања за победник на групата.

Битолчани против Ц. Звезда почнаа со бековската линија Ѓорговски, Кузмановски и Хосни, а тоа комбинирано во двата правца ја блокираше белградската екипа и по 15 минути беше 10-5, а видно расположен за игра беше Ѓорговски. Потоа Ангеловски ротираше, а во игра влегоа Борзаш, Цикатиќ и Цехте. По ова веројатно српски аналитичари би рекле Ц. Звезда влезе во ритам, од наш агол би рекле дека Е. Пелистер го загуби темпото. Неколку врзани грешки, Ц. Звезда направи серија од 6-0 и премина во водство (11-10).
Ангеловски одново беше принуден да менува, го врати Ѓорговски во игра, но не успеа одново да воспостави таква контрола и на одмор се замина со резултат 16-14 за белградскиот состав.

Веднаш во вториот дел следеше израмнување (16-16), а потоа мечот беше тесен до крајот. Во овој период се разигра Кузмановски, Никола Митревски кој бранеше во второто полувреме имаше интервенции во клучни моменти и релативно мирен беше финишот, иако Ц. Звезда беше доволно блиску за да казни и одново да направи пресврт. Но, погодуваше македонскиот тим во клучните моменти и на крајот ја однесе победата, а Кузмановски титулата за најдобар играч.

Денеска Е. Пелистер од 21:00 часот ќе игра со Татабања која изненадувачки во првото коло го совлада Загреб. Ако Унгарците победат и денеска, тогаш ќе го освојат првото место во групата (услов е Загреб да ја совлада Ц. Звезда). Ако вечерва победи Е. Пелистер, тогаш во последното коло во кое ќе игра со Загреб ќе се решава ситуацијата на табелата.

Директен пренос од овој натпревар е најавен на ТВ Арена Спорт 2.





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk