Денеска почнува ТВ турнирот на шампионите во Добој, а ова ќе биде неговото 55 издание што го сместува во самиот врв на турнири според бројот на изданија и долговечноста и иако немаме официјално потврдена бројка, единствено можеби романскиот „Трофеј Карпати“ да има повеќе изданија, со тоа што романскиот турнир нема постојана база, туку се сели од град во град, а се игра и машко и женско издание, плус истото е и кај младите категории.
ТВ Турнирот на Добој е повеќе сличен на летните македонски турнири, малку е повозрасен од струшкиот, но организациски изгледа поинаку, особено во оној дел во кој се гледа колку турнирот му значи на градот. Па така во Добој за време на турнирот се организираат концерти и има програма и забава за гледачите во текот на целиот ден. Годинава на пример, честа да свират во градскиот парк во Добој во пресрет на отворањето, го имаат белградскиот рок бенд „Ван Гог“.
Составот на гостите е далеку над турнирите што го гледаме овде, до оваа година нивни редоведн гостин беше Барселона, а низ годините гостувале и великани како Сиудад Реал, Монпеље, ЦСКА Москва, Гумерзбах... Македонските екипи биле чести гости на турнирот, таму биле Пелистер, Вардар и Металург, а битолчани (1996 и 1997) и Вардар (2003 и 2009) се имаат вратено дома и со победнички пехари.
Годинава Е. Пелистер ќе биде одново учесник и првиот меч ќе го има утре против екипата на Ц. Звезда, годинава една од послабите екипи на турнирот. Штета за организаторите и турнирот што учеството во последен момент го откажа првиот фаворит - Веспрем. Тие имаат проблеми со вирус и решија да не ризикуваат со доаѓање во Добој.
Е. Пелистер е во групата со Загреб, Татабања и Ц. Звезда, а во другата група се Ал Ахли, домаќинот Слога и Бешикташ, со тоа што во оваа група беше предвидено да игра и Веспрем.