Foto credit: GRK Ohrid/Ognen Teofilovski
Екипата на Вардар 1961 е третиот победник на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Вечерва, Вардар го совлада тимот на Алкалоид со 25-23 (15-9) и им се придружи на Е. Пелистер и ГРК Тиквеш кои победија на првите две изданија на турнирот.
Третото место и тоа без борба го освои Целје Пивоварна Лашко. Нивниот противник, Олимпијакос со оправдание дека има играчи со стомачен вирус не излезе денеска на терен. Петтото место е за Партизан кој славеше победа над Динамо Панчев, а седми е ГРК Охрид кој беше подобар од Ловќен.
Вардар покажа најмногу на турнирот, а вечерва стартуваше фуриозно, слично како на дуелот со Охрид на пример и поведе со 8-2. Алкалоид се бараше цело прв полувреме во кое Вардар доминираше и замина на пауза со водство од 15-9.
Второто полувреме беше сосема поинаков Алкалоид. Нивниот ритам стануваше сѐ подобар, а Вардар одеше надолу. Марко Кизиќ беше одличен на голот, одбраната фати ред и Алкалоид намали на 20-21. Но, количеството на грешки, промашени зицери на помладиот скопски клуб беше толкаво што комплетно враќање не беше можно.
Вардар, благодарение на Украинецот Горига и португалскиот голман Еспиња ја преброди најголемата криза на десетина минути до крајот. Од 21-20, нареди уште три гола за 24-20 и потоа успеа да ги одбрани и да го подигне победничкиот пехар.