Photo: SEHA
Уште една информација што ракометниот портал G-SPORT.MK ја објави прв во светски рамки уште пред три недели, денеска доби официјална потврда.
Веселин Вујовиќ, поранешниот тренер на Вардар и селектор на македонската репрезентација е новиот селектор на машката репрезентација на Катар.
Вујовиќ на оваа престижна позиција доаѓа откако легедарниот шпански тренер Валеро Ривера комплетираше 10 годишен циклус.
Веселин Вујовиќ својот последен ангажман го имаше на клупата на хрватскиот вицепрвак Нексе, каде што дојде во незгоден момент односно требаше да го гаси огнот меѓу скапите играчи дел од нив со статус на ѕвезди и клубот кој беше незадоволен од нивниот однос и особено резултати.
Репрезентацијата на Катар, пак, својот врв го достигна во 2015 на најдобро организираниот мундијал во ракометот воопшто што се одржа во Доха. Таму под водство на Ривера и со бројни странски засилувања во тимот стигнаа до финалето во кое беа поразени од Франција. Потоа нивната слава почна да бледее, ангажираните странци веќе „остареа“, а правилата за ангажирање на нови се променија, па така почна и резултатската „лизганица“. Финално беа приземјени на последните квалификации за ОИ Париз што се одржаа во Доха, а тие не успеаја да се пласираат. Тоа беше крајот на Валеро Ривера и (не)формално Горан Ѓокиќ требаше да биде неговиот наследник, но приказната конечно се заокружува со ангажманот на Веселин Вујовиќ.