Алкалоид победнички стартуваше во Охрид

АЛКАЛОИД - ДИНАМО ПАНЧЕВО 27-22 (16-9)
Алкалоид: Галевски (11 одб), Трајковски (1 одб), Џонов 1, Костески 6, Младеновиќ 1, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Велковски, Симоноски, Иваноски, Бинго 3, Оливеира 2, Петковски 2, Савревски

Екипата на Алкалоид со победа го почна својот дебитански настап на летниот охридски турнир. На премиерниот меч од меморијалот, Алкалоид и Динамо Панчево ја имаа честа први да играат, а првите бодови, пак, отидоа на салдото на македонскиот тим. 
Ова не беше прв пат да се сретнат Алкалоид и Динамо, но се чини дека овој пат македонскиот тим најлесно стигна до победа над цврстиот српски состав. Иако се работи само за контролни натпревари, денеска не недостасуваше жар и борбеност кај двата тима. 
По воведните минути во кои резултатот беше израмнет, Алкалоид почна да ја презема контролата и набргу имаше плус два гола предност. Од минута во минута одбраната со Галевски на голот беше се поцврста, стигнаа и некои лесни погодоци и по 15 минути игра Алкалоид водеше со двојно повеќе постигнати погодоци, беше 10-5, потоа и 12-6. 
По ова одново се воспостави резултатски баланс, имаа и двата тима шанса и за подобар расплет, но на крајот на полувремето беше плус седум за Алкалоид.
Српската екипа поагресивно и помотивирано влезе во вториот дел, анулираше два гола од негативата, но за само една минута Алкалоид ги врати своите плус 6, а потоа до крајот на натпреварот разликата беше меѓу минималните 4 и максималните 7 гола. 
Кирил Лазаров имаше можност да ги ротира играчите, нивото и ритамот останаа исти, резултатската разлика исто така, па во 57 минута беше 27-20, на крајот на мечот 27-22. 

Вечерва на турнирот играат Олимпијакос и Ловќен, односно Вардар и Охрид на последниот меч. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk