Македонската кадетска (М18) репрезентација денеска ќе го одигра последниот натпревар на М18 ЕХФ Еуро што се одржува во Црна Гора.
Тоа ќе биде меч за 19 место во кој по втор пат ќе се сретнеме со репрезентацијата на Грција, а средбата почнува во 17:00 часот со директен пренос на ehftv.com . Првата средба, со минимална разлика ја доби јужниот сосед. Денешната, пак, е ослободена од резултатскиот притисок и би требало да биде искористена за повеќе ракометари да добијат шанса да почувствуваат што значи играње на ЕП, преземање на поголема одговорност и сѐ што оди во таквиот пакет.
Македонија на тековното ЕП успеа да оствари една важна резултатска цел, а тоа е опстанок во најсилната конкуренција. Системот по кој се игра е таков што не нуди поправен и нашиот тим не успеа во поголемата цел, а тоа е пласман на следното СП. Еден меч беше кобен во тие калкулации, а тоа во нашиот случај е натпреварот со Полска, која исто така нема да стигне до мундијал.
Ако, пак, на прво место ја ставиме вистинската цел а тоа е развојот на оваа генерација на играчи и потенцијалот што го носи за базата во сениорскиот состав, можеме делумно да бидеме задоволни, затоа што се издвоија на пример тројца ракометари, Дамјан Митев, Самоил Ристевски и Ѓорѓи Николовски кои во овој момент се лидерите на тимот.
Но, ова е само прв настап на играчи до 18 години и може, ама и не мора да значи многу. Денешната средба не е крајот, туку е првата врата низ која минуваат и вечерва ќе ја затворат таа врата, а веќе утре ќе им се отвори новата што ќе ги одведе во следната етапа од развојот.
Им следат две години настапи комбинирано и во младински и тие кои ќе бидат побрзи и во сениорска конкуренција на домашната сцена. Таму ќе треба да се посветат комплетно, домашната конкуренција не е многу различна во квалитет во рамки на тимот и зависи од нив, нивните тренери, нивните клубови на кое ниво ќе бидат кога ќе тропне М20 на вратата.
Тоа што екипата нема да игра на следното СП, не значи, пак, дека следниот собир треба го имаат во 2026, туку да се најде начин како да се пополни целата 2025, да се задржи ритамот, физички да се подобрат перформансите, да се модифицира костурот, стилот на игра да се прифати и адаптира на тоа што го бара македонскиот сениорски тим и кога во 2026 ќе истрачаат како јуниори на ЕП во Полска да имаат пореални шанси да се изборат за настап на СП У21 во 2027 година.
Потоа, следниот премин е во сениорска конкуренција.
Поврзани вести