Кадетската репрезентација на Македонија ни го сервираше најгорчливото разочарување досега на Европското првенство, а тоа е пораз од Грција во директната битка за опстанок во најсилната конкуренција (25-26).
По солидното прво полувреме по кое резултатот беше 11-9 за Македонија, на почетокот на вториот дел Грците со серија од 4-0 преминаа во водство од 14-11, по тоа уште еднаш со серија од 5-0 од резултат 18-17 поведоа и со 23-17.
Македонскиот тим се врати во игра, намали на минус еден и имаше напад со играч повеќе на две минути до крајот, при 25-24, но не успеавме да реализираме.
Грција поведе 26-24, потоа намаливме на 25-26, но успеаја да ја задржат топката до крајот. Во последните додавања на противникот имаше елементи за задржувањето на топка што се казниви со седмерец во последните секунди, но не ни беше за очекување дека на кадетско првенство каде судат млади и неускусни арбитри некој ќе се одважи за таква акција.
Нејсе, вината не може да се бара кај арбитрите, туку во нашите редови, особено во начинот на кој македонската репрезентација игра одбрана.
Сега останува уште мечот со Италија во рамите од последното коло. Денеска Италијанците беа во проблеми на мечот со Украина, но за разлика од нас, успеаја да направат пресврт и да победат.
На Македонија за пласман на едно од првите две места на следниот меч со Италија ќе и биде потребна победа од најмалку два гола разлика.
Постојат и други комбинации, но ќе ја разгледуваме единствено таа во која нема да зависиме од другите екипи, а тоа е победа над Италија од два гола разлика.
Поврзани вести