Photo credit: IHF/Kolektiff/ Sasa Pahic Szabo
ШПАНИЈА - СЛОВЕНИЈА 23-22 (12-12)
Варгас (9 одб), Гомез 5, Д. Касадо 4 - Ферлин (11 одб), Доленец 6, Јанц 5
Репрезентацијата на Шпанија, одново најде начин како да се провлече меѓу најдобрите светски репрезентации и да освои медал. Нивниот репцепт за медали е неприкосновен во ракометната кујна и од Париз дома си одат со бронза на градите. Ќе си земеме слобода да кажеме, како играа на ЕП во јануари и на моменти сега во Париз, со бронзата не треба да бидат среќни, туку пресреќни.
Од другата страна ги имаме Словенците. Урош Зорман состави екипа во која има сѐ што треба да има за голем резултат. Има Словенија систем, играчи и спортска култура, особено ракометна и за кратко време успеа да се консолидира по лошото ЕП во 2022.
Ќе биде збогум оваа Олимпијада за дел од играчите, но имаат подготвено замени. Блесна Алекс Влах, играч кој ако не знаевте, своевремено требаше/можеше да заврши во Металург, но замина за Загреб.
Македонија ќе игра со Словенија во квалификациите за СП 2026, во март следната година се на програмата тие два дуела.
Денеска во битката за бронза, 23-22 за Шпанија. Одново не беа импресивни новите бронзени медалисти. Иако главно тие го контролираа резултатот, Словенија водеше во 51 минута (20-19).
Но, во клучните моменти, Алеиш Гомез постигна два гола за пресврт, а потоа Шпанија го одбрани водството.
И на овој меч, може да се зборува со негативни забелешки за арбитражата.
Поврзани вести