Македонската кадетска или М18 репрезентација на својот прв настап на големата сцена запиша три порази во групната фаза од првенството и во продолжението ќе разигрува за пласман од 17-24 место. Нашите кадети се најдоа во друштво со репрезентации кои завршија последни во Прелиминарниот дел и со најслабата третопласирана репрезентација од костурот што го сочинуваа екипите од групите Д, Е и Ф.
Тоа се репрезентациите на Украина, Грција и Италија. Во продолжението на првенството, Македонија ќе игра против овие три репрезентации.
Клучно за македонскиот тим е во оваа конкуренција да биде пласирана на првото или второто место во групата. Овие две позиции ќе разигруваат за пласман од 17-20 место и ќе обезбедат опстанок, односно во 2026 година како јуниори (М20) одново ќе играат во најсилната конкуренција.
Почнуваме утре против Украина, потоа наредниот ден следи меч со Грција, потоа има ден одмор и во третото коло на 15 август ќе играме со Италија. Сите натпревари ќе ги играме со почеток од 14:30 часот.
Екипите што ќе завршат на третото и четвртото место во оваа група ќе разигруваат за пласман од 21-24 место. Условно, три репрезентации од овие четири испаѓаат од елитата. Ако домаќинот на следното ЕП е репрезентација која на тековното ЕП е пласирана до 21 место, тогаш во ЕХФ Шампионат (Б Дивизија) ќе испаднат екипите што ќе ги заземат позициите 22, 23 и 24. Ако домаќинот е екипа од последните три или некој од учесниците на ЕХФ Шампионатот, тогаш и 21 место испаѓа во Б Дивизија.
Пред македонскиот тим се наоѓаат три репрезентации со послаб квалитет од тие со кои игравме, но и влогот и притисокот е зголемен. Мора да се има предвид дека е ова репрезентација составена од момци до 18 години и првенствената цел е да се формираат како личности, играчи и како кадар за базата на сениорскиот тим. Но, македонскиот спорт е поставен обратно, единствено бројките и пласманите се бројат, а кадарот што се создава е средство за исполнување на тие резултатски замислени дострели и амбиции. Затоа и овие момци, а и другите кои порано или подоцна ќе им се приклучат, многу рано во своите кариери ќе почувствуваат како функционира овој систем и ќе треба да се навикнат на него.
Во моментов, трите следни натпревари се најважното нешто за нив како тим. Системот по кој се игра во ЕХФ од минатата година значи дека резултатите на овој тим нема да влијае на генерацијата зад нив како што беше случај во минатото. Македонија во следната М18 генерација ќе игра квалификации како и сите други репрезентации освен тие што се во Топ 8 на ранкинг листата.
Поврзани вести