Завршија ОИ за Хрватска!

Photo credit: IHF/Kolektiff/ Sasa Pahic Szabo

Завршија игрите во Париз за ракометната репрезентација на Хрватска. Завршија со убав за гледање натпревар на кој покажаа дека имаат одлична нова генерација на играчи. Запишаа минимален пораз од Шпанија на меч на кој и нерешено немаше да им заврши работа и елиминирани се во групната фаза. Нивната минимална цел беше 1/4 финалето, но на ОИ конкуренцијата е многу силна, а составите се редуцирани и бројчано и со начинот на кој се вршат измените. 
Најскапиот селектор на Хрватска, Дагур Сигурдсон, својата прва голема мисија ја подвлече со резултатски неуспех. Што ќе се случува понатаму, ќе дознаеме деновиве. ХРС е брз кога се треба да се реагира револверашки, но овој пат очекуваме да имаат повеќе трпение. 
И тие како и кај нас се навикнати да мерат и премеруваат преку призмата на резултати, иако имаат далеку подобар систем, но и очекувања кои веќе не соодветствуваат со постигнатото на терен. 
Но, ако веќе бројките се тие што се ѕвездата водилка, тогаш кога сѐ ќе соберат и одземат, на крајот ќе видат дека единствениот тренер со кој стигнуваа до полуфинале и финале на големи настани и кој не им чинеше, беше најмногу напаѓан и критикуван од неговите „наследници“ и секаков тип на експерти е Лино Червар. Во последните 20 години во кои во два наврата им беше селектор, пред и по него, нивните резултати не се ни блиску до тие што ги правеа под неговата команда.
Наскоро од нивниот табор се очекува и финалната одлука на Домагој Дувњак кој меѓуредови најави крај на репрезентативната кариера, но дали ќе ја задржи таа мисла и кога ќе се оладат страстите, ќе видиме. Следното Светско првенство е по пет месеци и ќе се игра и во Хрватска и не би било тоа - тоа, ако Дувњак не е во нивниот тим. 
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk