Реми со Хрватска, Топ 8 е во игра за македонските јуниори!

foto credit: Slavko Kolar/Rokometna Zveza Slovenije

МАКЕДОНИЈА - ХРВАТСКА 24-24 (10-15)
Македонија: Брестовац (4 одб), Галевски (7 одб), М. Стојановски 3/7, Субашевски, Михајловиќ 1/1, Ристевски 0/1, Д. Узунчев 6/8, Белистојаноски, Шулески 6/7, Даневски, Димковски, Митев 2/7, Карасманакис 3/6, Димевски 0/2, А. Стојановски, Калајџиески 3/5

Македонската М20 репрезентација и натаму е со изгледни шанси да се пласира во Топ 8 на Европското првенство што се одржува во Словенија. По вчерашниот добар настап и победа над Црна Гора, денеска нашите јуниори одиргаа нерешено со репрезентацијата на Хрватска, која вчера загуби од Австрија.

Сега во комплицираниот систем по кој се игра ЕП, позицијата на Македонија во конечниот пласман во групата зависи од дуелот со Австрија. Ќе имаме шанса и за главна рунда, но ќе бидеме под голема закана да бидеме и трето место кое носи или Средна рунда или Елиминациска рунда.

Македонија и денеска добро го почна натпреварот и диктирараше резултат во воведните минути. Имавме плус два гола (4-2, 6-4). Калајџиески и Стојановски играа добро во напад, а добро поставената одбрана изнудуваше пробивања и ги носеше во ситуација да прават грешки противничките играчи.

Натпреварот за малку ќе го загубевме меѓу 20 и 30 минута. Хрватската одбрана се прилагоди на нашите напаѓачи и нападот влезе во кризен период. Во одбрана, противникот на речиси ист начин пробиваше преку десното крило, а таму Марко Ткалец шутираше 5/6 и погоди во неколку напади по ред.

Хрватска од минус два (6-8), успеа да израмни (8-8), а потоа и поведе 10-9. Македонија израмни на 10-10 во 22 минута и потоа до крајот на полувремето не успеа да постигне ниту еден гол, а прими пет и на одмор се замина со големи 15-10 за Хрватска.

Во вториот дел Хрватска поведе со 18-11 и не изгледаа добро шансите на Македонија, но овие момци покажаа дека имаат тоа што треба за да се вратат во игра.
Славчо Шулески и Дамјан Митев внесоа нови моменти во нашиот напад, а одбраната беше одново на вистинско ниво, подвижна со добро покривање и затворање. Комплименти за сите играчи што беа на теренот во последните 20 минути.
Напад по напад, почна да се топи големото водство на Хрватите. Македонија направи серија од 9-1 и поведе со 20-19.

Имаше Хрватска и добар голман и доста среќа во моментите кога се кршеше резултатот. Се влезе во игра гол за гол со тоа што при 24-24 во последната минута напаѓаа Хрватите. Не успеаја за цела минута да ја одиграат својата акција за „десно крило“, па за Македонија останаа четири секунди за последен напад. Не успеавме да ја префрлиме топката, добро блокираа противниците и средбата заврши со поделба на бодовите.

За играч на мечот од тимот на Македонија беше прогласен Славчо Шулески

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk