Македонија ги преслуша Црногорците

ЦРНА ГОРА - МАКЕДОНИЈА 21-31 (5-12)
Македонија: Брестовац (5 одб), Галевски (6 одб), М. Стојановски, Субашевски 5/7, Михајловиќ 1/1, Ристевски 2/3, Д. Узунчев 8/11, Белистојаноски 1/2, Шулески 1/1, Даневски 0/1, Димковски 2/2, Митев 2/5, Карасманакис 2/3, Димевски 2/4, А. Стојановски 0.3, Калајџиески 5/8


Македонската М20 репрезентација успешно стартуваше на Европското првенство што почна денеска и се одржува во Словенија, во градот Целје. Македонските јуниори се предводени од селекторот Раде Стојановиќ и денеска се сретнаа со селекцијата на Црна Гора.

Македонскиот тим одигра одлична одбрана во првото полувреме и во првите 25 минути прими само три гола!
Одличната зона беше надополнета со Иван Галевски кој имаше 50% одбрани до 28 минута, а свој момент имаше и Давид Брестовац кој во првата делница влегуваше за одбрана на седмерци.
Во нападот, игравме мирно без брзање. Димитар Узунчев и Мирче Калајџиески постигнаа по три во првиот дел, свои пет минути со два гола поред имаше Самоил Ристевски и генерално изгледаше добро и во напад нашиот тим.
Резултатски поведовме со 10-3, до крајот на полувремето беше 12-5. Разликата сигурно ќе беше и двоцифрена доколку од наш агол неубедливите судии Ковалучук-Ковалчук од Молдавија неколкупати не ги вратија поради фаул изгубените топки во напад на Црногорците.

Вториот дел почна со нешто побрз ритам, повеќе ризикуваа противниците и во прв момент додека имаа играч повеќе анулираа два гола од негативата. Но, веќе во 38 минута беше 18-10. Доминацијата на македонскиот тим продолжи, а Стојановиќ имаше можност да им даде шанса на повеќе играчи. Брестовац беше одличен на голот, Димитар Узунчев продолжи да си ја подобрува статистиката. Но, побрзиот ритам почна да се претвора во бркотница, па Стојановиќ побара тајм аут на 10 минути до крајот за да ја смири играта и да го врати ритамот што ни донесе и плус девет гола како максимална предност.
По неколку пропуштени чисти шанси, конечно во 58 минута Митев постигна гол за плус 10 за Македонија, предност што со малку среќа остана и до крајот.
Димитар Узунчев беше прогласен за најдобар играч од македонскиот тим. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk