Македонија го отвора ЕП против Црна Гора

Македонската јуниорска репрезентација го почнува настапот на М20 ЕХФ Еуро што денеска почнува во Словенија.

Македонија точно на пладне ќе се сретне со репрезентацијата на Црна Гора, а од 16:40 часот на терен ќе бидат екипите на Хрватска и Австрија. Новиот модел по кој се игра ЕП значи меѓудругото дека дали се победува или губи, секој гол може да пресуди дали тимот ќе оди во Главна, Средна или Елиминациска рунда.

Од избраницте на Раде Стојановиќ очекуваме многу, а тоа првенствено се однесува до нивниот напредок и колкумина од овие играчи стануваат сериозни кандидати за сениорскиот тим. Резултатите се тие што ќе се паметат и слават, тоа е матрицата на македонскиот спорт, иако околу вистинската цел на младинските првенства, ќе го цитираме Ерик Барада, селекторот на златните Французинки од неодамна завршеното женско светско јуниорско СП во Македонија –
„Мојата цел беше да подготвам играчи за сениорскиот тим. Не по секоја цена резултати или титули. Тоа е поважно за нас како федерација, за играчите, за иднината на францускиот ракомет. Тоа е нашата филозофија и од тоа нема да отстапиме“.
Развојот и резултатите секако ќе бидат важни за сите репрезентации, а на ова ЕП кое е квалификациско за СП ќе биде важна секоја топка, секој гол. Ќе видиме познати ликови. Шпанија доаѓа со близнаците Петар и Ѓорѓе Цикуша и Јан Баруфет, Фарски Острови со Оли Митун, Данска традиционално промовира нови играчи, нивниот систем ги исфрла, иако во оваа генерација засега не блеснал никој посебно. Ќе видиме можеби еден од петте играчи кои се презиваат Педерсен, можеби некој друг.

Македонија има одлична генерација, тука се браќата Узунчеви, Брестовац и Галевски, Карасманакис, Калајџиоски, Дамјан Митев, Димевски и Димковски, Белистојаноски...

Натпреварот почнува во 12:00 часот, ќе можете да го следите на ehftv.com

ГРУПА „А“: Хрватска, Австрија, Ц. Гора, Македонија
ГРУПА „Б“: Германија, Португалија, Србија, Грција
ГРУПА „Ц“: Шпанија. Ф. Острови, Франција, Швајцарија
ГРУПА „Д“: Унгарија, Норвешка, Чешка, Романија
ГРУПА „Е“: Данска, Словенија, Италија, Израел
ГРУПА „Ф“: Шведска, Исланд, Полска, Украина

Натамошниот модел по кој ќе се игра М20 ЕП можете да го видите на следниот ЛИНК

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk