-
04.07.2024
-
Планета ракомет, Вести
Со играчи како Ханс Линдберг, Јохан Хансен, па и Патрик Ларсен (Алборг), Бо Андерсен (Хамбург) и уште многу други, селекторот на Данска, Николај Јакобсен има(ше) доволно квалитетни ракометари за позицијата десно крило, па сепак, се реши на ОИ во Париз, ги прецрта сите и да игра без класично десно крило.
Единствено оправдано отсутен од првиот камп беше најдобриот стрелец во историјата на Бундеслигата, Ханс Линдберг кој имаше смртен случај во поблиското семејство (татко), но време да се спреми за ОИ има и повеќе од доволно.
Затоа не е лесно да се разбере зошто Данска ќе оди без десно крило на ОИ, а селекторот Николај Јакобсен, има објаснување:
„Идејата зад сето тоа е Матијас Гидсел како играч кој многу се троши на натпревари да одигра повеќе време на десно крило и така да се штеди. Тоа ќе го прави во комбинација со Мадс Хоксер и Никлас Киркелоке. ОИ се турнир кој ќе бара доста физички напор и овие тројца ракометари ќе ротираат како крилни играчи и ќе штедат сили во зависност од тоа кој ќе биде противникот на Данска“, ја парафразиравме изјавата на Јакобсен за дански медиуми.
Втората причина е што овие тројца бекови ќе му дадат повеќе тактички опции на Јакобсен отколку што би имал со класично крило.
Ќе следиме со внимание како ќе изгледа играта на Данска. Ако експериментот на Јакобсен успее, тоа би можело да донесе промени во иднина во поглед на тоа што ќе се бара од крилните играчи како квалитет симултано и кај бековите, а тоа е можат да ги покријат и двете позции.
Поврзани вести