Данило Брестовац ќе има нов тренерски предизвик во кариерата. Поранешниот македонски селектор остави добар впечаток во својот престој на Блискиот исток како селектор на ОАЕ, што го подобри неговиот рејтинг и подоцна му донесе трансфер со повеќе предизвици во клубот Ал Сафа.
Неговото водство донесе неколку резултати за поздравување, каква што беше победата над актуелниот првак Ал Калеј, што беше нивниот прв пораз по цела година.
Под негова команда, тимот стигна до финалето на Купот, а заврши на трето место во лигата, само два бода зад првакот Ал Калеј и Ал Худа. Резултатски го оправда својот трансфер, но блискоисточниот ракометен коридор е познат по турбуленциите и краткорочноста на проектите.
Данило Брестовац и Ал Сафа не се договорија за продолжување на соработката, првенствено затоа што во клубот има низа промени по завршувањето на сезоната.
Со рејтингот што веќе го има стекнато на Блискиот исток воопшто не се сомневаме дека Данило Брестовац без проблеми наскоро ќе најде нов проект полн со предизвици. Нормално, доколку се реши одново да работи на Блискиот исток.