Исланд подобар, Македонија против Ангола за Главна рунда

МАКЕДОНИЈА - ИСЛАНД  17-29 (11-11)
Ризоска 7, Младеновска 4

Македонската репрезентација денеска го одигра својот втор натпревар од мундијалот за девојки до 20 години што се одржува во Скопје. По успешниот старт и победата над САД, втор противник на нашиот тим беше селекцијата на Исланд, најдоброрангираниот тим во групата. 

Македонија играше одлична одбрана на стартот на мечот со која командуваше голманот Матеја Чурлиновска и по осум минути игра имаше водство од 3-0 принудувајќи го селекторот на Исланд да побара тајм аут. 
Чурлиновска продолжи да ги насочува настаните на теренот како што и одговараше на Македонија и во продолжението. Следните две одбрани, од кои едната беше удар од седум метри им даде шанса на нашите ракометарки да поведат со 5-1, па дури и да имаат напад за плус пет во 11 минута од мечот. 
Првото водство од пет гола стигна во 15 минута, Младеновска беше егзекуторот,  а на тој напад му претходеше и вториот одбранет седмерец. Во 17 минута го запишавме новото највисоко водство, 8-2. 
Нападот беше послабата страна во нашата игра и во следните неколку минути кризираше со реализација, па Исланд постигна лесни голови направи серија од 4-0 и намали на 6-8. 

Предноста комплетно се истопи во 27 минута, кога одново од контра напад Исланд израмни на 10-10. Две минути подоцна, Исланд прв пат на мечот имаше водство (11-10). Успеавме да израмниме и тоа беше конечниот резултат на полувреме (11-11), а сцената за возбудливо второт полувреме беше поставена. 

Исланд добро ја прочита нашата екипа по првиот дел и во второто полувреме тие беа доминантни на теренот. По седум минути поведоа со 15-11, Македонија никако не можеше да пробие и да постигне гол. Конечно по девет минути игра намаливме на 12-15, но Исланд веќе го имаше рецептот за победа. 

Исланд поведе со 18-12 пресликувајќи го водството на Македонија од првиот дел. Но, за разлика од враќањето на Исланд во натпреварот, македонскиот тим немаше сила да го стори истото и конечниот резултат е одраз на доминацијата на Исланд во второто полувреме. 

Следниот меч за Македонија е решавачкиот за пласман во Главната рунда, против репрезентацијата на Ангола. 





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk