Екипата на Бутел Скопје денеска официјализираше уште два трансфера за кои низ ракометните кулоари се зборува речиси со недели.
Браќата Димитар Узунчев (18) и Тодор Узунчев (19) од редовите на екипата на Мулти Есенс преминуваат во скопскиот ривал Бутел Скопје, па така и следната сезона ќе играат во најсилната, Суперлигашката конкуренција.
Браќата играат на позициите десен и лев бек и важат за исклучително талентирани ракометари, а во тоа ќе имаме можност да се увериме летово преку настапите на младинските репрезентации на ЕХФ Еуро.
Претходно Бутел ги ангажирапе и кружниот напаѓач Драган Шољиќ, левиот бек Теодор Тодески и десниот бек Мартин Петровски.
Двајцата браќа беа регрутирани од Алкалоид и преминаа во редовите на скопскиот клуб од матичниот Партизан Гевгелија. Сезонава во Автокоманда има поголеми играчки промени. Мулти Есенс не успеа да го задржи суперлигашкиот статус, а на сцената пристигнува новата младинска генерација на Алкалоид и Мулти Есенс од која многу се очекува, па ракометарите од првиот клуб го следат својот пат со тоа што преминуваат во други суперлигашки екипи дел како позајмени, дел со сосема нови договори.
Со тоа проектот Алкалоид веќе исфрли на сцена десетина добро тренирани македонски ракометари кои ќе засилат други домашни клубови. Пред браќата Узунчеви за Бутел Скопје од Мулти Есенс потпиша и Теодор Тодески. Стефан Стојчевиќ потпиша за Т. Пролет, крилата Дарио Кофилоски и Мартин Димовски се селат во ГРК Тиквеш, Давид Димевски оди во Куманово, а Божидар Илиески во Прилеп. И тука сѐ уште не е крајот, очекуваме најмалку уште два потписа во наредните денови.
Поврзани вести