Горење „не сака“ во ЛШ

фото: rk gorenje

Екипата на Горење од Словенија по две години пауза одново успеа да го освои шампионскиот пехар и да го симне од тронот ривалот од Целје. 
Но, Словенија нема да има претставник во Лигата на шампионите следната сезона. Горење чија апликација за вајлд карта беше одбиена во 2021, овој пат нема ниту да аплицира за место во ЛШ, иако во теорија има шанса да игра и против најдобрите европски екипи. Информацијата ни ја потврдија колеги од Словенија. За нас необичен потег особено што, ако не приметивте ќе ви обрнеме внимание, на натпреварите од ЛШ се ркламира компанијата Горење и таа е еден од спонзорите на ЕХФ. 

Словенија на ранг листата (12) нема директно место во ЛШ, но е за едно место подобро рангирана од Македонија (13). Ако местото на Белорусија и првата (според рејтинг) вајлд карта би отишла за Романија, тогаш Словенија е следната на ред. Во случајов, Македонија би го зазела нејзиното место, но ЕХФ е јасен по тој поглед, дека има повеќе критериуми што ќе одлучуваат, а не рејтингот. Рејтингот одличува само за првите девет земји. 

Горење има добра сала, географска пристапност, солиден тим, па сепак нема да аплицира за ЛШ и со тоа ќе му донесе сигурна нула во следните рангирања на словенечкиот ракомет, односно шампион. 
Но, во Словенија нема никаква драма по тоа прашање. Дури не се ни занимаваат со тоа словенечките медиуми, ниту го колнат Горење ривалите и секако не е национална ракометна трагедија тоа што нема да имаат екипа во ЛШ, уште помалку се бараат оставки на сите од чистачката на „Рдеча дворана“ во Велење до врвот на „Рокометната звеза“ во Љубљана. 

Тоа е така затоа што низ друга призма се гледа и ужива спортот таму. Одамна секој си го знае местото, економската логика, силата на својата екипа и што би значело кога ќе се пречекори чергата. Минатата сезона Целје мина исто како и нашиот шампион, со 14 нули и Горење сезонава очигледно не сака да се изгори како нив. Приоритетите им се поинаку поставени и настапот во Европската лига им е сосема доволен.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk