Уште еден познат македонски ракометар одлучи да ја заврши играчката кариера на крајот на сезоната. Дејан Пецаковски го одигра својот последен натпревар и се поздрави со управата и соиграчите од екипата на Тинекс Пролет, неговата последна екипа во кариерата.
Дејан Пецаковски е ракометар од генерацијата со Велко Маркоски, Столе Стоилов, Гоце Георгиевски, Никола Митревски. Важеше за наш најголем потенцијал во еден момент. Имаше сосема добра кариера, остана во добро светло секаде каде што играше иако повредите го спречија да го достигне вистинскиот врв.
Пецаковски играше за Пелистер, Зомимак, Вардар, Работник, Металург, последен клуб во Македонија, каде што и ја заврши кариерата е скопски Тинекс Пролет 62.
Најискусниот ракометар во Тинекс Пролет, Дејан Пецаковски, донесе одлука на крајот од оваа натпреварувачка сезона да му каже збогум на активното играње ракомет.
Поранешниот македонски репрезентативец настапуваше за бројни македонски клубови, а ние како клуб сме горди што тој од 2020 го носеше дресот на Тинекс Пролет, секогаш давајќи го максимумот за нашата екипа.
Тинекс Пролет како клуб му врачи благодарница на Пецаковски за неговиот придонес во изминатите години, што му беше врачена од страна на претседателот Кадиевски и директорот Огњеновски на последниот тимски собир со кој беше заокружена оваа натпреварувачка сезона.
На Дејан Пецаковски му посакуваме се најдобро во иднина, со надеж дека патиштата би можеле наскоро повторно да ни се спојат, напиша во објавата скопскиот клуб Тинекс Пролет 62.