foto: fcbarcelona
Најголемиот ракометен викенд во клупската сезона е на дневниот ред денеска. Почнува Ф4 во Келн по што ќе го добиеме новиот европски првак. Дали Магдебург ќе стане само вториот клуб што успеал да ја одбрани титулата откако ЛШ се игра во овој формат или ќе имаме нов шампион ќе биде решено на два од четирите натпревари што ќе се играат денеска и утре.
Првиот е денеска, од 15:00 часот Магдебург ја почнува одбраната на дуел со данскиот шампион Алборг. Последна шанса за Микел Хансен да ја заврши кариерата со шампионски пехар, но и друг куриозитет има за овој меч.
За двете екипи ова е само второ учество на Ф4. Алборг играше финале во 2021, Магдебург ја освои ЛШ во 2023. Податок што треба да се одбележи дека во Алборг 2021 играа Феликс Клар, Микаел Агефорс и годинешниот МВП на Бундеслигата, Магнус Саугструп, играчи кои во 2023 станаа прваци, а денеска ќе играат против Алборг во полуфиналето.
Ракометното супер дерби, можеби најголемото на меѓународната сцена со децении наназад е дуелот меѓу Кил и Барса што денеска ќе почне во 18:00 часот. Овој пат поради слабата домашна сезона и транзицијата на играччки план во која е клубот улогата на фаворит е за Барса. Но, ова е Келн, а Ланксес Арената е местото каде што се случуваат ракометните чуда.
Ако Кил победи, ќе стане првиот клуб во поновата историја што станал шампион, а нема да ја брани титулата, затоа што нема обезбедено пласман во ЛШ следната сезона.
КЕЛН, Ф4
Полуфинале (8.6.2024)
15:00 Магдебург - Алборг (МТВ - 3, TV Arena Sport 2 Premium)
18:00 Барса - Кил (МТВ - 3, TV Arena Sport 3 Premium)
Финален ден (9.6.2024)
15:00 Меч за трето место (МТВ - 3)
18:00 Финале (МТВ - 3)
Поврзани вести