Битола прослави шампионска титула

Спуштена е завесата на сезоната 2023/24 во македонската Суперлига. Еурофарам Пелистер ја освои шампионската титула, Алкалоид го освои Куп на Македонија, излез во Европа обезбедија Вардар 1961 кој е нов вицешампион и ГРК Охрид кој го освои четвртото место. 

Е. Пелистер е старо нов шампион, вкупно осма шампионска титула, втора по ред по паузата од 18 години. Битола потврди дека го сака ракометот, пехарот се славеше на плоштад, со огномет со ракометарите на бина како ѕвезди на вечерта. Заслужено, нивниот состав креиран за настапот во Лигата на шампионите имаше тежок судир со реалноста во ЛШ, но во домашниот шампионат успешно ги преброди предизвиците и може да прогласи успешна сезона. 



Од екипата заминуваат Кизиќ, Лесјак, Гедбан, Васиљев, Пјеховски и Сери. Доаѓаат Митревски и Ивиќ, можеби и Хосни. Ќе бидат ангажирани веројатно два пивота и уште еден бек, дали централен или лев - за тоа, потоа. Ќе видиме кои играчи ќе дојдат, но во суштина екипата нема да биде многу различна од сегашнава. 
Клубот (веројатно) ќе аплицира за вајлд карта во ЛШ, шансите да ја добие не можеме да ги предвидиме, затоа што иако јасни критериумите на ЕХФ се многу растегливи. 

Од одговорот на ЕХФ зависи и како ќе изгледа следната евро сезона. Ако нема вајлд карта, Пелистер ќе игра во група на Европската лига, Вардар исто како и лани во квалификации, а Алкалоид и Охрид ќе играат во ЕХФ Куп каде што немаме никаков рејтинг затоа што не учествуваме до оваа сезона. По редот на нештата би требало Алкалоид да е во погорниот дел, Охрид веројатно втор шешир. Но, тоа никој не го знае во моментов. 

Суперлигата последен пат се играше во овој формат. Критикуван повеќе отколку што заслужува, на крајот имавме Плејоф со осум екипи што многу убаво пресликува како во пракса би изгледало тоа првенство. Очекувавме најинтересен шампионат со години наназад, но во суштина и не беше така. 
Лани Алкалоид, годинава ГРК Тиквеш беа „Х“ факторот за шампионска титула, сѐ друго беше во рамки на очекуваното. 

Ако малку подолго се задржи погледот на финалната Плејоф табела ќе забележите дека имаме екипа со нула бодови, над неа две екипи со три победи (од нив две се над последната екипа и по една од меѓусебните средби) и пет екипи што се бореа за четири места во Европа.

За шампионскиот пехар, годинава рано се расчистија работите и во игра беа два тима кои за волја на вистината мораа да бидат внимателни за да не се „лизнат“ некаде. 

Ваквите расплети беа меѓу главните причини што своевремено Суперлигата со осум екипи беше проширувана. Во тој поглед, многу малку, речиси ништо се нема променето.

Следната сезона во Суперлигата ќе има 12 екипи и Плејоф и Плејаут со по шест екипи. Веројатно најдобар формат за македонски услови, иако нема којзнае колку да се разликува од досегашниот. 
Разликата е во тоа што ќе имаат екипите два дерби меча повеќе и два послаби натпревари помалку. Според нас погрешно е тоа да се толкува како концентрирање на квалитет. Зголемувањето на квалитетот не е толку зависно од форматот колку што е од други фактори. 
На сметка на два дерби повеќе и два меча со послаби противници помалку, ќе имаме четири екипи во кој главно играат (млади) македонски ракометари кои место во Суперлига ќе играат во Прва лига. 
Кантарот е тој. Кои ќе бидат придобивките, а кои минусите ќе видиме, особено што не знаеме во кој правец ќе се движи исто така многу критикуваниот ваучер систем. 

Клубовите ги организираат своите последни заеднички дружби за оваа сезона, врамените дресови и благодарници веќе се спакувани. Ќе се испее по некоја песна, ќе се направи понекое „На здравје“ и потоа секој по својот пат.
Следните на сцената ќе бидат младите играчи. Почнуваме на 19 јуни со Светското првенство во јуниорска женска конкуренција во Скопје, продолжуваат кадетите и јуниорите на ЕХФ Еуро. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk