Информацијата што прв ја објави ракометниот портал G-SPORT.MK, дека Македонија нема да биде сместена во некоја од групите што ќе се играат во Хрватска, во меѓувреме доби тежина, иако сѐ уште не е официјално потврдена.
Македонија нема да биде сместена во една од групите што ги организира ХРС, а и има право во секоја од нив да смести по еден гостин.
Можеби ги преценивме нашите пријалески односи со ХРС, можеби го преценивме тоа што мислевме дека сме го оставиле како впечаток во 2009 и 2018, па така во еден момент помисливме и дека сме сигурни гости.
Но, реалноста е поинаква, Македонија нема да биде дел од гостите што ќе ги покани ХРС. Тоа ќе бидат Унгарија во Вараждин, Словенија во Загреб и на барање на градските власти на Пореч, таму ќе гостува репрезентацијата на Австрија.
Дополнување на информацијата што ја објавивме пред неколку дена се состои во поголем број на различни извори што ја потврдуваат, а и да комплетираме, Данска ќе ја одбере Германија во Хернинг, а Норвешка ќе ја одбере Шведска во групата во Осло.
Шансите да играме во Хрватска се 50%, шансите тоа да биде Загреб се 25%. Но, исто толкави се шансите да играме и во Хернинг, со Данска или Германија како носители. Тоа е најлошата опција со оглед лимитот на сместувачките капацитети на Хернинг, град со 50.000 жители. Таму треба да пристигнат и да се сместат осум репрезентации вклучително домашната Данска, плус службени лица и фанови од Германија итн..
Македонија од третиот шешир ќе ја чека својата шанса. Можни противници ни се сите репрезентации освен тие што ни прават друштво во третиот шешир, а тоа се Катар, Бразил, Полска, Аргентина, Куба, Јапонија и Алжир.
Според неофицијални информации и извори, европска репрезентација би требало да ја добие вајлд картата.
Останува да го почекаме 29 мај и ждрепката и да видиме каква среќа ќе имаме овој пат. Во меѓувреме ќе чекаме официјална потврда за изборот на гости по градовите домаќини и да веруваме дека додека не стане официјално, оваа вест може и да се промени.