ШК Мулти Есенс се квалификуваше во Втората лига! Младинците ја оправдаа довербата!

Под закрила и спонзорство на компанијата АЛКАЛОИД АД, оваа година е формиран уште еден шаховски клуб, ШК Мулти Есенс, првенствено за да им се даде шанса на младите шахисти да продолжат да играат шах и да се усовршуваат низ натпревари во екипна сениорска конкуренција. Многу добро е познато дека Шаховскиот клуб Алкалоид е меѓу најуспешните спортски колективи во Македонија, силно етаблиран и добро познат не само во европски рамки (како европски шампион и како вицешампион), но, генерално, и во светски рамки. Во клубот членуваат и најдобрите македонски шахисти (велемајстори и интернационални мајстори), кои се и лиценцирани тренери од ФИДЕ (Светската шаховска федерација) и кои континуирано работат со младите категории шахисти.

На квалификациитe за Втората лига екипата на ШК Мулти Есенс, под водство на велемајсторот Трајко Недев, како капитен, успешно настапи и во конуренција на 18 екипи успеа да се пласира во Втората лига. Во вкупно шест кола одиграни според швајцарскиот систем, ШК Мулти Есенс оствари три победи и две ремија и со само еден пораз, со освоени 8 бода, се пласираше на делба на третото место (според дополнителниот критериум заврши на четвртото место). Покрај првите три тима (екипите на победникот ШК Нов Напредок од Штип, второпласираната ШК Кочани и третопласираната екипа на ЖШК Прилеп), ШК Мулти Есенс ќе настапи во Втората лига, која, во согласност со календарот на натпревари, треба да се игра на почетокот на јули.

Екипата на ШК Мулти Есенс ја сочинуваат:
Теодор Јовановски (во 2023 го подели првото место на Државното јуниорско првенство до 18 години)
Матео Ефтовски (двократен јуниорски првак до 18 години во 2020 и во 2021 година)
Стојан Велкоски (четвртопласиран на Европското аматерско првенство 2022 за ело < 2000)
Христијан Цакончев
Кирил Николовски (државен шампион во 2023 г. за јуниори до 14 години)
Андреј Иванов (државен шампион во 2022 г. за јуниори до 12 години)
Дино Табаковски (второпласиран на Европското аматерско првенство 2022 г. за ело < 1800)

Стефан Мелник (многу талентиран и посветен шеснаесетгодишен јуниор, кој се натпреварува и во конкуренција на шахисти со оштетен вид, а во јуни ќе учествува на Европското првенство на ИБЦА – International Braille Chess Association – за возрасни).

Новата надградена развојна стратегија ќе овозможи ШК Мулти Есенс да биде одличен полигон на кој младите талентирани шахисти ќе можат да настапат против многу поискусните шахисти и на спортски начин да се докажуваат и да напредуваат, за во иднина да станат дел од сениорскиот тим на ШК Алкалоид!

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk