Златна недела за Алкалоид

РК Алкалоид викендов стана седмиот клуб во Македонија кој успеал да освои пехар од националното Куп натпреварување кое брои 32 сезони, вклучително со прекинатата ковид сезона 2019-20.

Зад Алкалоид е златна недела. Почнувајќи од 12 до 19 мај, седум дена во кои пионерите станаа државни прваци, потоа и младинците беа верификувани како шампиони, за конечно и кадетите да го подигнат шампионскиот пехар. Такво нешто во поновата историја му им успеано само на Металург, но немаше ни тие одличја да блеснат вака, ако успехот не беше комплетиран со пехар на сениорскиот тим. 
Од улога на трет носител или аутсајдер во однос на двата најпознати колектива, Алкалоид потврди дека Куп е приказна во која непишаните правила важат исто колку и пишаните.
Огромна сатисфакција плус за тренерот/селектор и неколкуте репрезентативци што се градат во овој клуб е успешниот бараж на сениорската репрезентација. 
Златна недела е сосема адекватен епитет за ракометниот колектив Алкалоид и уште една успешно штиклирана сезона.
Трета успешна од вкупно три, што е голем предизвик за четвртата. 

Но, има и други причини да биде задоволен Алкалоид од наш агол можеби и поважни отколку погледот кон витрината сезонава. 

Во Македонија (ова е личен став) има погрешно поставен систем на вредности кога се во прашање резултатите. Речиси сѐ е поставено во служба на резултатот преточен низ бројки и конечниот пласман што служи за задоволување на амбициие, желбите и вкусовите на спонзорите и на локалната јавност и посебните групи на фанови.
Најбрзиот и најефикасниот начин тоа да се постигне е вложување во готови производи во најголем дел странски играчи, надополнета со тоа што колку толку го нуди домашниот пазар. 
Секој си го бира својот пат, подвлечено тоа си е клупска политика, но генерално ваквите приказни се успешни додека има пари. Повеќе пари, подобри резултати, но кога парите ќе секнат, а таа чешма кај нас знае брзо да се затвори, не останува ништо. 
Примери што ќе го поткрепат ова има доволно, но тоа е тема што е многу обемна и заслужува поголем простор само за себе. 

Алкалоид има и повеќе причини да биде задоволен, не само поради шампионските пехари во младинските категории и пехарот во Куп на Македонија. 
За само три години овој колектив покажа дека работи по поинаква матрица од споменатиот систем на вредности и во моментов е еден од најдобро организираните ракометни колективи, иако има најмало искуство и логично т.н. детски болести што едноставно мора да се прележат. Но, логистички во сите сфери, Алкалоид е на ниво на европски клуб.

Во прилог е клупската стратегија, определба и решителност да се докаже дека резултати со бројки можат да се постигнат и со домашни ракометари, ако им се даде вистинска шанса, се работи квалитетно и истрајно. 
Инвестирање во организација и работа со млади категории, селекцијата и условите уште во првата сезона донесоа пехар, а во третата комплетна доминација. 
Може да биде задоволен што ги извади за кратко време на ниво да бидат забележани и од странство играчи како Марко Митев, зад него е Дамјан Митев, новата ѕвезда Иван Галевски итн. Но, ќе чуете многу повеќе уште летово и за браќата Узунчеви, потоа онаа многу добра кадетска екипа со уште еден голман со огромен потенцијал како Ѓорги Николовски, потоа бековите Христијан Гурмешевиќ, Марин Крстевски итн.  
Во Македонија системот на вредности, сепак, најмногу се гледа низ резултатите како бројки, а достигнувањата на Алкалоид во организацискиот дел, младите категории итн. немаше да бидат вистински вреднувани доколку во клубот не стигнеше пехар во сениорска конкуренција. За да се заработи респект, треба да се победи и да се освои пехар. 
Со победите над Вардар и Е. Пелистер во Куп на Македонија го мина и тоа ниво од играта. 

Сега, со нескриена љубопитност и нетрпение чекаме да видиме каков ќе биде нивниот следен чекор. Многу работи зависат од тоа како ќе изгледа следното ниво, не само за клубот, туку и за репрезентацијата и генерално и за целиот ракомет во Македонија. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk