РК Алкалоид вечерва славеше голема победа и пласман во финалето на Куп на Македонија. Во драматичен меч беше елиминиран бранителот на пехарот, Вардар 1961 и во недела младиот скопски тим ќе оди на мегдан со шампионот Е. Пелистер во својот прв директен атак на еден од пехарите.
Но, настрана резултатите. Тие во Македонија се единствено мерило за успехот, но успехот не се пишува само со бројки, а РК Алкалоид годинава има доста работи што може да ги означи како успех во работата. Дел од нив се важни за македонскиот ракомет затоа што се работи не само за клупски интерес. Алкалоид годинава го претстави на светската јавност Марко Митев, во клубот како голем потенцијал го гледаме неговиот помлад брат Дамјан Митев, а вечерва промовираше нова ракометна ѕвезда.
Со само 19 години, младиот голман Иван Галевски има сезона за паметење, а јаготката беше вечерва, со одбранет пенал во 60:00 минута со кој го однесе својот клуб во финале.
„Како клуб ова ние е втор фајнал-фор во Купот, а за првпат ќе играме во финале. Чувството е неверојатно. Благодарност до момците кои изгинаа на терен и ако не беа тие немаше сега вака да славиме. Имавме стабилност и концентрација во клучните моменти кога се кршеше резултатот.
Очекував натпреварот да се решава во последните моменти, затоа што Вардар е тактички и физички спремна екипа. Мило ми е што со нашата смиреност дојдовме до позитивен резултат. Нормално е да има искри на натпреварот, ова е фајнал-фор, борба за титула, еднаш годишно. Секој сака да го даде својот максимум“, изјави Галевски на МТВ по натпреварот.
Поврзани вести