Вардар и Алкалоид прифатија промена на термин!

Деновиве актуелни беа обвинувањата од Битола дека одигрувањето на натпреварите од Куп на Македонија во термините што ги наведе РФМ се нерегуларни и најавија дури и дека ќе реагираат во меѓународните институции. 
Денеска Вардар и Алкалоид одговорија. Двата скопски ривала, за поздравување, се со многу поинаков пристап. Прифаќаат промена на термини и да го одиграат својот натпревар од полуфиналето во петок, иако тоа ќе значи дека победникот нема да има ниту ден одмор пред финалето. 

РЕАКЦИЈА ОД РК ВАРДАР 1961
Ракометниот клуб Вардар секогаш го поддржувал спортскиот ферплеј, се залагал на терен да се реши кој е подобар. Работиме секогаш во интерес на ракометот и сакаме да придонесме тој да го задржи приматот на најуспешен екипен спорт во Македонија. Сакаме ракометните натпревари да бидат интересни, неизвесни и квалитетни, и да привлечеме нови млади да се занимаваат со спорт. 

Како вистински спортски џентлмени и во интерес на задоволување на сите барања и засегнати страни, сакаме да го предложиме следново: 
Доколку се согласи нашиот противник во полуфиналето, екипата на РК Алкалоид, ние како клуб сме подготвени нашиот меѓусебен натпревар наместо во четврток како што претходно беше најавено од страна на РФМ, да го одиграме ден подоцна во петок. Иако ќе имаме ден помалку за подготвување за следниот меч, сметаме дека Вардар е доволно квалитетен и тоа нема да му пречи.

РЕАКЦИЈА ОД РК АЛКАЛОИД
РК Алкалоид е согласен за промена на терминот за одигрување на полуфиналето од Купот на Македонија со РК Вардар 1961, дуел што е закажан за четврток, 16 мај.
Од основањето на клубот, како важен принцип во работата, РК Алкалоид ги има одржувањето на спортската култура на високо ниво и зачувувањето на спортските релации и односи со сите клубови и со Ракометната федерација.
За нас како колектив што се залага за промовирање на позитивните страни на спортот број еден во државата учеството на завршницата на турнирот е од големо значење. Витештвото на теренот е тоа што треба да ги гради односите меѓу клубовите, а ние сме подготвени, во име на спортот, да подадеме рака, да го одиграме натпреварот во терминот што ќе биде дополнително одреден и да се фокусираме исклучиво на натпреварувачкиот момент.


 

Поврзани вести