Во кој шешир сме и кого ќе избегнеме на СП?

Со одигрувањето на бараж натпреварите од европската квалификациска зона и турнирот на Северна Америка и Кариби што се играше во Мексико, комплетиран е списокот на учесници за СП 2025 што во јануари ќе се игра во Хрватска, Данска и Норвешка. Останува уште ИХФ да го додели вториот џокер (вајлд карта), откако првата со одлука на Конгресот е доделена на САД поради популаризација на ракометот пред ОИ Лос Анџелес 2028. 
Според однапред подготвениот ранкинг, базиран на ранкингот на континенталните федерации и пласманот на претходното СП, Македонија си знаеше дека во жрепката што ќе се одржи на 29 мај во Хрватска ќе биде во третиот шешир. 

РАНГИРАЊЕ ПРЕД ЖДРЕПКА

1. ШЕШИР: ДАНСКА, ФРАНЦИЈА, ШВЕДСКА, ГЕРМАНИЈА, УНГАРИЈА, СЛОВЕНИЈА, ПОРТУГАЛИЈА, ЕГИПЕТ
2.  ШЕШИР: АВСТРИЈА, НОРВЕШКА, ИСЛАНД, ХРВАТСКА, ХОЛАНДИЈА, ШПАНИЈА, ИТАЛИЈА, ЧЕШКА
3. ШЕШИР: КАТАР, БРАЗИЛ, ПОЛСКА, АРГЕНТИНА, КУБА, МАКЕДОНИЈА, ЈАПОНИЈА, АЛЖИР
4. ШЕШИР: БАХРЕИН, ТУНИС, ЧИЛЕ, КУВАЈТ, ЗЕЛЕН РТ (КАПЕ ВЕРДЕ), ГВИНЕЈА, САД, ВАЈЛД КАРТА

Доаѓаме до интересниот момент. Сите три домаќини имаат право за себе да изберат група, а и да сместат по една репрезентација во групите што ги организираат. Ова право го добиваат од ИХФ од економски причини, да можат да одберат географски блиску репрезентации и да привлечат повеќе гостински навивачи. 
Економската логика на овој потег е прифатлива, иако репрезентациите знаат и да го злоупотребат ова за да го насочат текот на првенството со тоа што ќе ги разместат екипите по сила, а не по економски момент. 

* Ако се водиме според економската логика, тогаш најреално сценарио, барем според нас, би било Хрватска да одбере да игра во Загреб. Унгарија да биде сместена во групата во Вараждин кој е географски најблиску до нив, а Македонија и Словенија од каде што се очекува најголем наплив на навивачи да бидат во Пореч или во другата група во Загреб. 
Норвешка и Данска, најлогично е да ги сместат кај себе Германија и Шведска. Иако и Исланд го гледаме како екипа што мундијалот ќе го игра во скандинавијата. 

Ако се реализира ова сценарио, тогаш, Македонија од првиот шешир би играла против Франција, Португалија или Египет. Од вториот шешир би ги избегнала Хрватска и Норвешка.
Ако домаќините го одберат Исланд, а не Германија, тогаш од првиот шешир можни противници би ни биле Франција, Португалија, Египет и Германија. Од вториот би ги избегнале Исланд, Хрватска и Норвешка. Навиваме за второто сценарио, затоа што така се зголемуваат шансите да играме со Италија. 

Севкупно, шансите на Македонија да мине во Главна рунда зависат од противникот што ќе го добиеме од четвртиот шешир, иако воопшто нема да жалиме ако од вториот шешир ја добиеме Италија за противник.

Во последниот шешир би сакале да ги избегнеме Бахреин и Тунис. Тоа се две силни репрезентации против кои не би се чувствувале комотно на терен. Минатото СП бевме малерозни и за противник ја добивме вајлд картата, односно Холандија. 

КАКО СЕ ДОДЕЛУВА ВАЈЛД КАРТА

„Правилото“ првата замена од најдобриот континент (Европа) да добие по вајлд карта по редот на нештата - не важи. Нема да има ниту лицитирање. Нема да се бира ниту по „звучност“. 
За претстојното СП, ИХФ ќе ја додели вајлд картата на земјата што ќе понуди најдобар ракометен проект за развој. Вака има и поголеми шанси тоа да не биде екипа од Европа.

*Имајте предвид дека се работи за симулација базирана на економска логика. Сосема е можно Хрватска на пример да размести други репрезентации во групите што ги организира и Македонија да биде дел од ждрепката и мундијалот да го игра во Норвешка или Данска. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk