Ви претставуваме: Фарски Острови, хитот на ЕП 2024

Фарските острови се млада репрезентација која откако остави силен впечаток во младинските конкуренции сега се сели на сениорските терени и си го бара своето место под сонцето. 
Ќе ги прескокнеме нивните настапи како сениори се до ЕП 2024, сметаме дека побитно е нивниото појавување на младинската сцена затоа што тие се играчите што утре ќе ни стојат на патот. 
Минатата година на У21 Светското првенство Фарски го привлече вниманието затоа што на патот до 1/4 финалето ги победи репрезентациите на Шпанија, Бразил, Португалија и Јапонија. Во 1/4 финалето со пораз од 27-30, беа елиминрани од Србија (Милош Кос, Лука Роган...)
Претходно истата година во кадетска конкуренција Фарски острови на мундјиалот на кој играше и Македонија, го освои осмото место, една позиција пред Македонија. Разликата е што Фарски се пласираа во 1/4 финалето, а Македонија не. На патот до 1/4 финале ја совладаа на пример и големата Германија. Во 1/4 финалето по две продолженија беа елиминирани од Египет.

На овие првенства им претходеа Европските М18 на кое Фарски освои осмо место, но останува запаметено дека Оли Митун и даде 17 гола на Шведска, а двоцифрени остварувања имаше и во победите над Франција (13), Србија (13), Ц. Гора (12) и беше најдобар стрелец со 80 гола.
На М20 го освоија 10 место, но запишаа победи над Данска, Норвешка, Полска... 

Играчите од овие две генерции сега се носители и во сениорска конкуренција. Нивните слаби страни се неискуството, можеби играта во одбрана, голмани, преголемата доминација во играта на Скипаготу кој на ЕП 2024 на пример шутираше речиси двојно повеќе од сите други бекови заедно. Веројатно се и преценети во овој момент и би требало со повеќе самодоверба и помалку респект во дуелите да се излезе на терен против нив. 

Нивните силни страни се неспорниот квалитет и ракометната еуфорија што ги тресе островите. За дуелот со Македонија не само што се продаде салата во рекордно време, туку и целата држава е на нозе, се организираат пабови, групно гледање и веројатно сите 55.000 Фарци или Фарани ќе го гледаат мечот. 



Македонија има изгледни шанси да се пласира на СП, иако обложувалницте не нѐ фаворизираат и без оглед што на хартија дел од нивните ракометари имаат сериозно повисок рејтин од македонските. Акумулираното искуство во нашиот тим треба да нѐ однесе на мундијал. 
Фарски можеби се во транс, но не заборавајте, играат со Македонија, а не кај нив туку кај нас е измислен ракометниот пекол на трибините. 
Ни требаат два натпревари како со Швајцарија на ЕП и ќе се видиме на СП. Но, мора да се има респект кон овој тим на Фарски. Нивното време можеби сѐ уште не е дојдено, премногу брзо станаа хит и сензација. Но, нивната иднина е светла, во тоа нема сомнеж.

Што се однесува до стилот на игра, тој е нема потреба да се нагласува, комплетно скандинавски. Со транзиција што се учи од раѓање, брзина, екипа што повеќе сака да игра напад отколку одбрана.
Прво правило кога се игра со скандинавци е да не се прифати нивниот ритам туку да ги наведеме на дуелите и рововска битка. Очекуваме на пример многу проблеми да имаат со Жарко Пешевски на линијата.

КОИ СЕ НИВНИТЕ НАЈДОБРИ ИГРАЧИ?

Оли Митун е талентиран 18 годишен лев бек кој остави свој печат во младинските катеогрии. Беше најдобар стрелец на У19 Светското првенство 2023 со 87 постигнати голови и следствено избран во Ол стар тимот. На М18 ЕХФ Еуро исто така беше најдобар стрелец со 80 гола.
Сезонава дебитираше за Севехоф од Шведска и веќе стана нивни главен играч и тоа најчесто на позиција среден бек. Неофицијално, заинтересирани за неговите услуги се Барса, Кил и Пик Сегед, но веројатно овој список е подолг. Има активен договор со Севехоф до 2026 година. 

Елијас Елефсен а Скипаготу (21) е централен бек и главен играч на Фарски острови. Како и неговиот помлад колега и братучед Оли Митун во кадетска, тој пак беше најдобриот стрелец на У21 Светското првенство 2023 со 55 гола. Играше за Севехоф, но премина во редовите на Кил годинава и веќе си го најде своето место со солидна минутажа и ценета улога во таборот на најдобриот германски тим. 
Скипаготу годинава беше прогласен за најдобар млад играч во изборот на Светската ракометна федерација (ИХФ). Неговата мајка е претседател на Ракометната федерација на Фарски острови. 

Хакун Вест ав Тајгум (22). Квалитетите на ова убиствено десно крило веќе можеа да ги видат и почувствуваат битолчани на своја кожа кога како ракометар на Скандерборг во ЕХФ Европската лига во 2022 во „Боро Чурлевски“ на Е. Пелистер му даде 11 гола ос 13 шута. Следната сезона направи трансфер во Фуксе Берлин. Таму е сѐ уште во сенка, но тоа е дел од планот. Тајгум е спреман и обучуван е да биде долгорочна замена за легендарниот Ханс Линдберг кој на лето заминува од клубот. 

Вилхелм Поулсен е 24 годишен десен бек кој има медиумски пех да биде во сенка на трите ѕвезди на тимот на Фарски острои. Потценет играч е, но не со право и тврдиме дека тоа наскоро ќе се промени. Негов хендикеп беше што играше во екипата на Лемвиг од Данска, тим што сезонава испаѓа од најсилна конкуренција. Но, според медиумите од Фарски, тој во еден момент бил блиску до договор со Флензбург и тоа зборува повеќе од сите комплименти што можеме да ги наредиме. Не бидна дилот со Флензбург, но бидна со друг бундеслигаш. Од септември ќе го гледаме во дресот на Хановер. 

Уште два ракометари на Фарски ќе ги додадеме на овој список, затоа што сметаме дека се потценети, а потенцијално кријат опасност за Македонија. 
Едниот е ракометар на норвешкиот Кристијансанд, екипа што е далеку во сенка на истоимениот женски колектив кој е актуелен шампион на Европа. Тоа е левиот бек Трондур Микелсен. Другиот играч е пивотот на данската екипа ХЕИ, Теис Расмусен. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk