Македонија пред „историски“ пласман на ЕП

Женската репрезентација на Македонија вечерва заминува за Азербејџан, во обид да го верификува пласманот на претстојното Европско првенство што во декември годинава ќе се одржи во Австрија, Швајцарија и Унгарија. 
Македонија на табелата е на второто место и претстојат уште дуели со Азербејџан на гости и Литванија на домашен терен. Ситуацијата е таква што Македонија дури и со два пораза би можела да се пласира на ЕП, но тоа сигурно не е стратегијата со која ќе се игра финалната фаза од циклусот, туку уште во среда со победа во Баку да се елиминираат сите математики околу пласманот, а потоа на домашен терен во официјален меч со ревијално-славенечки црти да се запечати „историски“ пласман на ЕП. 

Веројатно ќе се запрашате што е историско во овој пласман кога веќе имаме шест учества од вкупно 15 одржани Европски првенства, на кои уште и двапати сме биле домаќини? 

Македонската женска репрезентција заедно со клупскиот женски ракомет во трисетината години во кои сме независна држава имаше само еден период од 10-тина години, репрезентативно гледано од 1997 до 2008 во кои бевме рамноправни на моменти и подобри на моменти полоши од дел од екипите од европскиот ракометен крем. Таа репрезентативна идила заврши во 2008. 
Тоа беа други времиња, времиња во кои речиси цела ракометна Европа живееше на сметка на незаинтересираноста на Советските и ЈУ републиките за женскиот ракомет. Речиси и да немаше врвен клуб или репрезентација без натурализирани играчи (Австрија: Фридрикас, Логвин, Божовиќ, Колар... Потоа Шпанија со Mорскова, Барбоса, Словенија со Дерепаско, Унгарија со Радуловиќ ...). Македонија заедно со Австрија предничеа на ова поле и резултатите што ги оствари репрезентацијата во тие 10-тина година во една голема мерка се заслуга на натурализираните играчи. Не го омаловажувавме тоа што го имаат придонесено Нацева, Радуловиќ. Чупиќ... нема да набројуваме, поентата во секој случај треба да е јасна. Тоа време е минато свршено. 
Не може да се врати, сега веќе ниту правилата не дозволуваат таква натурализација. 

Веројатно повторно ќе се запрашате што е историско во овој пласман кога веќе имаме шест учества од вкупно 15 одржани Европски првенства, на кои уште и двапати сме биле домаќини? 

Овој пласман на ЕП е изборен од ракометарките по девет неуспешни квалификациски циклуси!
Учествуваме и на минатото ЕП, но тоа не беше заслуга на ракометарките, туку заслуга на РФМ кој упорно три години ја буткаше кандидатурата и покрај „опструкциите“ од ЕХФ (прегласување во момент кога бевме единствен кандидат и сл) и на крајот успеа да добие организација како ко-домаќин. 

Во периодот во деветте круга на неуспешни квалификации имавме и период од цели четири години во кој во 19 официјални натпревари немавме ниту една единствена победа. Таква сметка плаќаше женскиот ракомет цели 12 години, еден циклус подолго од комплетното време на славата на женската репрезентација. 
Сега овие девојки, имале среќа во ждрепката или немале, ваков бил системот за ЕП или таков, сами си одиграа за пласман на Европско првенство. Имаат уште два меча да одиграат, верификуваат, печатираат и потоа нека почнат да се спремаат за настап на ЕП. 
Затоа, ако мене ме прашате, да, ова е историски пласман на ЕП на женската репрезентација на Македонија. 

Што потоа, што на ЕП?

Женскиот ракомет во Македонија е аматерски спорт, во кој вкупниот буџет на сите женски клубови заедно, заедно со помошта од државата итн. е помал од буџетот на (прет)последниот клуб во Романија на пример. Оттука почнете да пресметувате колку се два и два. 
Женското ЕП сега е исто како и машкото. Поделено на два дела. По Прелиминарната рунда, пола од екипите си одат дома. Потоа, почнува вистинското ЕП.
Македонија единствено под услов да има голема среќа во ждрепката може потајно да се надева на една победа и со тоа да биде во првиот шешир во баражот за женскиот мундијал. Нешто слично како и машката репрезентација. 
За повисоки цели, ќе можеме да зборуваме во некои подобри времиња. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk