Вложување во млади категории, работа со млади играчи производство на домашен кадар е во принцип удирачки во гради флоскула што ја слушаме од сите клубови. Перјаница во целата таа приказна секако треба да бидат водечките, тие што освојуваат пехари и ја претставуваат Македонија во Европа, а другите да го следат нивниот пример.
Или алтернативна варијанта, секој да си го најде своето место под сонцето, но соодветно и да биде наградуван нивниот труд, посебно кога ќе се дели државниот колач.
Еден од најголемите проблеми или нерешени состојби во македонскиот ракомет е вреднувањето на работата на клубовите во младите категории. Тема зрела за сериозна анализа и носење на адекватни одлуки со кои ќе се заштитат тие што вистински работат со млади категории од поголемите риби кои во оваа приказна се само бренд. Во моментов сѐ се сведува на тоа поголемите воглавно бесплатно да преземаат играчи од помалите, а кога производството не е доволно добро, се купуваат странци.
Далеку од вниманието на јавноста во Македонија се играат и шампионати во Младиинска, кадетска и пионерска категорија, а погледот особено на табелата на Младинската (Јуниорска) лига открива непријатна вистина за работата на „брендовите“ и перјаницата на македонскиот ракомет во помладите категории.
По 15 одиграни кола во вториот по сила по Суперлигата, Младинскиот шампионат на Македонија, a тоа се ракометари родени (У20) 2004 и помлади, екипата на
Вардар 1961 е на последното место со 15 порази од 15 натпревари и гол разлика од речиси -200 (точната бројка е -187), а тоа просек од -12 гола на натпревар.
Само едно место над нив со 13 порази и само 2 победи е актуелниот сениорски шампион
Еурофарм Пелистер. Едната победа им е над Вардар 1961, другата над Тиквеш. Нив за волја на вистината можеби малку може да им се прогледа низ присти затоа што го имаат и Е. Пелистер 2 во конкуренција, иако и тие не се нешто прославија во У20 конкуренцијата и се на деветто место од 13 екипи. Но, добри се во кадетска и пионерска.
Едно место, пак, над Вардар и Е. Пелистер е кандидатот за Европа во сениорска конкуренција,
ГРК Тиквеш кој има четири победи и девет порази, од кои две победи се над Е. Пелистер и Вардар.
Вака изгледа младинска реалност на произведствениот погон на перјаницата на македонскиот ракомет во конкуренција на играчи до 20 години.
На врвот на таа табела и речиси извесно нов шампион, со 15 од 15 победи во моментов е Мулти Есенс, следен од Младост Богданци 1977 и Голден Арт.
Една генерациска класа подолу, се игра кадетско првенство што е поделено во три групи од кои ќе се добијат три од четирите учесници на Ф4. Лидери на тие табели се Струга, Е. Пелистер 2 и Алкалоид.
Конечно, во пионерска конкуренција, Охрид, Алкалоид и Куманово се лидерите во трите групи по одиграни 12 од 18 кола.
Табела на Младинска лига по 15 одиграни кола