Следното Светско првенство на кое очекуваме да се пласира и репрезентацијата на Македонија ќе се одржи во три држави. Домаќини се Хрватска, Норвешка и Данска.
Оваа географски неприродна колиција се „роди“ откако отпадна Швајцарија која требаше да се кандидира заедно со скандинавските држави, па на нејзиното место влетаа Хрватите кои исто така имаа свои планови за организација.
Нешто многу видливо и од спортски аспект некоректно до извесна мерка е што скандинавците се кандидираат за сите можни сениорски натпреварувања, а во суштина се заинтересирани само за своите и регионалните сеелкции од чии навивачи можат да извлечат некој ќар. Реално само на ракометниот север цените не се проблем.
Хрватска ќе биде главниот организатор, односно државата што ќе ја влече целата кола, а Данска и Норвешка ќе го украдат шлагот од тортата затоа што завршницата е кај нив, а немаат ништо со здодевниот и предолг Президент Куп.
Повеќе од пола натпревари на СП ќе се играат во Хрватска, поточно 61 од вкупно 112. Четири групи од Прелиминарната рунда, две од Главната рунда и целиот Президент Кип ќе се игра во Хрватска.
Данска и Норвешка имаат по две групи од Прелиминарниот дел, по една ог Главната рунда и финалниот турнир, 1/4 финалето ќе биде поделено со тоа што Хрватска до последен момент ќе игра на домашен терен.
Хрватите денеска ги објавија цените на билетите за СП што се однесува до групата што ќе се игра во Загреб, а во која ќе игра Хрватска.
Цените се движат од 25 евра за најефитниот и најнеатрактивен реон, преку 40, 60 до 70 евра за дневна карта во Прелиминарната рунда. Во Главната рунда, цените се поскапи. Почнуваат од 40 евра дневно, преку 60, 80 и најскапите се 90 евра за дневна карта.
Цените за другите групи, би требало да бидат за некој процент поефтини.
Продажбата на билети почнува на 15 март.
Македонија во мај игра бараж квалификации за СП со Фарски Острови. Доколку се пласираме големи се шансите да играме во Хрватска, затоа што тие како организатори можат во секоја од четирите групи што ќе се играат кај нив да сместат по една репрезентација. Унгарија, Словенија и Македонија се регионално најблиску и со најпозитивно искуство кога би погледнале назад кон 2018 и особено кон 2009 година кога Хрватска беше домаќин.
Но, тоа е само во теорија, во пракса може да биде поинаку.
Поврзани вести