Е. Пелистер со три бода од дербито во Кавадарци

ГРК ТИКВЕШ - Е. ПЕЛИСТЕР 21-24 (10-13)

Е. Пелистер успеа да освои три бода на жешкиот терен во Кавадарци денеска. Дербито предизвика големо внимание, на трибините заеднички навиваа Лозари и Чкембари, а на крајот се радуваа гостите од Битола. 

Првиот дел мина во релативно израмнета игра. Битолчани диктираа резултат, а кај домашната екипа освен што видливо беше отсуството на Страхиња Симиќ, неефикасноста беше прилично изразена. Во еден момент ГРК Тиквеш имаше девет промашени шута наспроти два на гостите.
Урбан Лесјак имаше три одбрани во период во кој Е. Пелистер успеа да поведе со плус три. Тоа е случи по 17 минута, а во 22 минута домашните останаа и без Нигериецот Ани Обина кој уште еднаш беше пренесен на клупа со помош на соиграчите. E. Пелистер, пак, остана без Денис Васиљев кој заработи црвен картон за старт над Мартин Манасков. 
Мијатовиќ сосема добро се снајде место Обина, намалија и на минус два домашните (10-12), а потоа во последната акција битолчани постигнаа гол за 13-10 на полувреме.

Играта седум на шест што речиси цело време ја форсираше гостинскиот состав, на почетокот на вториот дел го покажа и другото лице, па погоди Тиквеш и на празен гол и намали и на 14-15. 
Потоа почна вистинска резултатска битка на теренот. Домашните имаа шанса и за израмнување при 19-20, направија техничка грешка, па потоа уште и направија пенал и на 10 минути до крајот Е. Пелистер имаше 21-19.
Потоа одново, во 53 минута имаше шут за реми при 20-21 Тиквеш и тоа на празен гол, но промаши и беше казнет од Борзаш со гол за 22-20. 
Намали Анастасовски на 21-22 во 56 минута, а потоа дојдоа клучните моменти, одново два потрошени шута едно по друго на празен гол и тоа при 21-23. 
Времето минуваше, на минута и пол до крајот домашните при 21-23 на двапати во ист напад веќе ја имаа освоено топката, но не успеаја да ја задржат и да режираат поголема драма. Кога конечно дојде во нивни посед имаа само уште една минута од натпреварот да стигнат два гола разлика. 
Пречката беше сојузник на Е. Пелистер по шутот на Мартин Манасков, потоа ја освои топката и Ѓорговски постигна гол за 24-21 и го реши победникот. 
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk