14-те нули, лекција за памет(ење)

Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ја одигра 18 години очекуваната сезона во Лигата на шампионите на начин на кој не се очекуваше. Порази на сите 14 натпревари е епилог што не остава речиси никаков простор за позитивни импресии, иако ваков судир со реалноста, не беше целосно избришан. Напротив се очекуваше барем еден бод или победа и воглавно се замижуваше пред фактот дека ова е поинакво ниво на натпреварување и дека македонските клубови, за жал веќе не се на тоа ниво. 

Битола од друга страна убаво се покажа. Салата полна, амбиентот убав, спортски, салата сосема пристојно средена и нашминкана и главно сѐ функционираше на потребното, пропишаното ниво. Иако останува како факт дека на Битола и треба нова сала и тоа не само поради играњето во ЛШ. За гостопримството, никој не би смеел да замери имајќи предвид како „тоа“ го работат во другите земји. 
Критериумот во ЛШ да се игра само во сала што има четири трибини беше одложен во практична примена за неколку години, поради застојот во економиите што го предизвика Ковид, но не е заборавен и порано или покасно ќе биде имплементиран. 

Од резултатскиот дел би можеле просто да се согласиме со фактот дека македонскиот шампион заедно со Целје имаат најмал буџет, дека практично се дебитанти и дека беа најмалите риби во рибникот во кој пливаат и (најголемите) ајкули. Гледајќи од овој агол, сакале да признаеме или не, ова е реалност за македонскиот клупски ракомет во моментов. Желбите, очекувањата и историјата се нешто друго.
На нашите клубови не им останува нешто многу на резултатски план, евентуално да изведат некое изненадување за да ја оправдаат поканата што ја имаат за ова друштво и да го оправдаат тоа што единствено ја интересира пошироката јавност - резултат.
Но, ракометот најчесто не е спорт на изненадувања, па единствените изненадени и тоа непријатно на крајот се фановите на домашната сцена. 
Таква е новата хиерархија, истата приказна со 14-те нули, може да ја доживее и Целје и тоа на 20 годишнината од нивната засега единствена титула европски шампион, ако вечерва не освојат бод против ГОГ. 

Но, освен прашањето дали можеше да биде поинаку, ова отвора и низа други прашања. Споменатиот Целје со кого единствено можеме да споредуваме, сезонава имаше само три странци од кои едниот има 19, другиот 20 години. Тоа се непознати играчи (освен ако името Рок Мариќ ви звучи познато) и следствено - не се скапи. Притоа успеаја да го промовираат Митја Јанц (20) кој е во Топ 5, стрелци, а Тим Цокан е во првите 20 стрелци. Тоа во Е. Пелистер не е случај. 

Е. Пелистер е сосема поинаков концепт и очекувањата со право беа различни. Е. Пелистер е екипа во која играат четири стартери во македонската репрезентација и овој клуб е костурот на националниот тим. А знаете претпоставувам добро какви очекувања има(ше) од македонската репрезентација. Потоа има и играчи од втората постава и неколку што важеа и важат за најголеми македонски таленти. Е. Пелистер е најголемиот збир на квалитетни македонски играчи.
И заедно со играчите што заминаа уште плус 12 искусни странски засилувања. 

Ваквата стратегија доведе до моментот што можеби може да се опише со изреката - Од дрвата да не се гледа шумата. Никој не се изнаигра, никој не се докажа. Единствено што како позитивно го издвојуваме е враќањето на Филип Кузмановски и неговото преземање на лидерската улога на терен. Но, има премногу македонски играчи што не се лансираа преку овие 14 натпревари во елитата. Учеството и играњето во ЛШ од тој аспект не е искористено. 

Како ќе се развива сезоната, можеше да се насети уште од почетокот, кога клубот се врати од Добој и потоа Истанбул, а не беше дефинирана дефанзивната линија, а малку подобро стоеја работите во напад. Може и да бидам демантиран за ова, но следните натпревари се менуваше, испробуваше корегираше тоа што како задача требаше да биде завршено уште во Добој. Потоа следеа почетните порази во ЛШ, па средбите со Вардар, смена на тренер... да не одиме хронолошки, заврши со потег - меч за Лига на шампионите да се игра со втора постава. 
Тоа не беше убава порака до ЕХФ кој следната сезона ќе разгледува барање за вајлд карта. А ако штедење на сили стои зад ваквата одлука, тогаш се отвора сосема нова тема.

Што ќе извлече битолскиот клуб како поука од оваа сезона, бездруго ќе видиме. Е. Пелистер со играчкиот кадар што го има, реално е голем фаворит за да ја одбрани шампионската титула, особено што екипите Тиквеш и Охрид дополнително му го отворија патот. Ќе видиме како ќе заврши плејоф, но сериозен тим стратегијата за следната сезона, ја прави во март-април кога има најмногу играчи за најниски цени на пазарот, а и ЕХФ нема во август да решава кој ќе игра во ЛШ. 
Прашањето за следниот буџет и стратегија е ако со овој тим епилогот е 14 порази, што треба да се направи за следната сезона да не биде иста ваква. 

Претходно, дали е Е. Пелистер или некој друг првак, ќе мора да се активира и друга логистика затоа што за настап во ЛШ, отсега ќе треба вајлд карта. 

Кога сме веќе дојдени до моментот вајлд карта, како сума сумарум на штотуку завршената сезона за македонскиот првак во Лигата на шампионите би споменале:
Македонија во следната сезона во посебниот ранкинг што од 2020/21 се спроведува за Лигата на Шампионите падна од 8 на 13 место и го загуби право директно да испраќа екипа во ЛШ (девето место).
Падот на ранг листата дитектно се должи на минатата сезона во која немавме претставник во ЛШ, а и без тоа бевме на самата граница (осмо место). 
Резултатите на Е. Пелистер од оваа сезона ќе бидат регистрирани за сезоната 2025/26. 
Е. Пелистер ќе освои само 26 бода од тековната сезона. За место меѓу првите 9 кои имаат директно место во ЛШ, просекот на последните три сезони би требало да биде нешто над 60 бода. 
Следната сеона Хрватска која беше зад нас на листата ќе оди напред. Засега има освоено 78 бода преку екипата на Загреб и ќе не мине на ранг листата. Словенија ќе заработи исто како и ние 26 бода, ако Целје денеска загуби, а Норвешка (Колстад) ќе освои 37 бода. 
Македонија во моментов 13-та, најниско може да падне до 14 место, понатаму се екипи што на салдо имаат нула. Дури може и да останеме на истиот ранг ако Белорусија падне подолу од нас. Ништо крупно не менува тоа.
Екипите од Топ 9 стануваат недостижни и се подалечни и македонскиот првак ќе мора да бара вајлд карта за настап во ЛШ. 

А критериумите за валјд карта се нешто сосема поинакво. Тука спаѓа инфраструктура (сала, пристапност, смеестување) логистичка организација на клубот, квалитет (буџет) на екипата, резултати, позитивни и негативни искуства од досегашната соработка со ЕХФ, публика, ТВ преноси итн. 

Во аплицирањето за валјд карта, дури и гласање на песна за “Евровизија“ има пофер и појасно дефинирани критериуми. ЕХФ може да одлучи како сака и секогаш ќе има низа аргументи со кои ќе ја објасни одлуката каква и да е. (Пример годинава Динамо Букурешт, клуб со милионски буџет беше одбиен затоа што големата сала во Букурешт се реновираше).
Динамо ќе биде одново кандидат, сериозен кандидат ќе биде и Војводина, Португалија веројатно ќе ги има Спортинг и Порто, a ќе биде интересно да видиме ако Фредериција (40.000 жители) биде дански вице-првак дали ќе биде во конкуренција. 

Македонија не е без шанси имаме свои аргументи, но во моментов нема никаква гаранција дека ќе добиеме место во Лигата на шампионите. 






 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk