Грчевски: Самодовербата сега е на друго ниво

Женската репрезентација на Македонија го комплетираше вториот дел од триделниот циклус на квалификации за ЕП 2024. Лесно предвидливи два пораза од Шпанија се епилогот на овој дел од квалификациите, но резултатите од дуелите меѓу Азербејџан и Литванија дополнително го расчистија патот на нашиот тим кон второто место и пласман на ЕП 2024.

Во вкупното рангирање пред ждрепката за ЕП, резултатите од квалификациите освен основната поделба, понатаму не играат улога. Првото место во групата носи прв шешир за сите осум групи, понатаму победниците во групите и второпласираните се рангираат според пласманот на ЕП 2022 што се играше во Македонија. 

Ова значи дека за ранкингот во ждрепката не е битно колку бода се освоени во квалификациите спредено со другите групи, битно е дали е освоено прво или второ место.
Истото не важи за третопласираните, за нив се најважни дуелите со првите две селекции во групата. 

Ова не значи, дека на следните две средби од Македонија не се очекуваат две победи. Напротив. 

Селекторот на репрезентацијата, Кристијан Грчевски е задоволен и покрај двата пораза. Особено од вториот дуел на кој македонскиот тим беше резултатски порамноправен, а и резултатот е во граници на т.н чесен пораз. 

„За разлика од првиот меч, поправивме многу сегменти во играта и во одбраната и во нападот. Покажавме компактност во одбраната што особено ме радува, нашата цврста дефанзива пресуди за овој резултат денеска. Девојките се бореа и видоа дека можеме да играме со секого. Се испочитува тоа што бевме договорени и јас како селектор можам да бидам презадоволен поради тоа.
Самодовербата кај нашите ракометарки беше на едно пониско ниво, но по оваа партија увидоа дека можат да се надигруваат со секој противник. Јас им кажав дека сме навистина на еден добар пат, да направиме многу повеќе од ова сега, се надевам дека ќе продолжиме вака, во следната ЕХФ седмица да го завериме пласманот на европскиот шампионат и таму да оствариме некој резултат, да не бидеме само учесници“, изјави селекторот Кристијан Грчевски.
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk