-
03.03.2024
-
Вести, Планета ракомет
Своевремено најголемата македонска колонија во германскиот ракомет, екипата на Ратинген сега ребрендирана како Интерактив Хендбал, водена од македонскиот тренер Филип Лазаров извојува многу важна победа во битката за опстанок во Лигата.
Интерактив минатата сезона со Лазаров како тренер отиде чекор напред и годинава се натпреварува ранг повисоко, а тоа е Трета Бундес лига. Во Германија стандардите се високи кога се работи за ракомет, па во ова првенство во кое во секоја екипа може да се најде и понекое познато име, особено од балканските простори, приоритет на клубот е опстанокот.
Интерактив вчера запиша многу важна победа 31-30 над екипата на Опладен со која стигна до 14 освоени бодови и место број 11 од вкупно 16 екипи.
Опстанокот не е загарантиран, разликата од осмо до 16 место е само седум бода, а до крајот на првенството има уште девет кола.
Бодовите што екипата на Филип Лазаров ги освои вчера се многу важни затоа што освоени над подоброрангиран противник (7 место), а и затоа што во следното коло, Интерактив оди на гости кај лидерот Ферндорф, екипа која во 21 меч има 20 победи и еден нерешен резултат и тим во кој можеби ќе ги препознаете екс репрезентативецот на Хрватска Јосип Ереш, потоа Јанко Кевиќ, ракометар на кој сметаше Червар, па португлаското крило Габриел Виана кој играше за Гумерзбах итн.