Е. ПЕЛИСТЕР - АЛБОРГ 28-33 (14-17)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Андреј Буџак и Михал Зарадник од Словачка. Делегат: Ајберг Дилмен од Турција
Е. ПЕЛИСТЕР: Лесјак, Манасков 2, Цехте 3, Пјеховски 2, Борзаш 6, Танкоски, Радивојевиќ, Кузмановски 9, Костески 2, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев, Пешевски 4, Сери, Кизиќ
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 8 мин.
АЛБОРГ: Ландин, Нилсон 2, Ларсен, Бартолд 5, Арнолдсен 3, Нилсен 3, Халд 2, Норстејн, Хоксер 4, Ларсен 1, Влах 4, Бјорнсен 5, Мелгард 1, Јул, Хансен 3, Јакобсен
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 2 мин.
Тринаесетката во Лигата на шампионите. не беше среќна за македонскиот шампион. Го запиша и поразот број 13 во дуелот со данскиот вицешампион Алборг. Ова беше последниот меч на домашен терен за Е. Пелистер во својата прва сезона во Лигата на шампионите по пауза од 18 години.
Дуелот со Алборг беше убав за око, со повеќе напаѓачки ракомет, со доволно брз ритам и движење на резултатот со кое, имајќи предвид со кој беше гостин на теренот во Битола и можат да бидат задоволни.
Бранко Ангеловски одбра првиот дел во најголем дел да го игра со стратегија „7 на 6“. Оваа тактика која прва во светот на големо натпреварување ја играше машката репрезентација на Македонија им овозможи на домашните ракометари предност во нападот, а блоковите што ги правеа корпулентните пикери најдобро ги искористија Филип Кузмановски (7) и Урош Борзаш (5) кои во првиот дел постигнаа комбинирано 12 од вкупно 14 гола за домашниот состав.
Брзата игра носи и грешки, понекој гол тука и таму на празна мрежа беа очекуван декор.
Ваквата игра и покрај многу слабиот Никлас Ландин (1 одб), му одговараше и на Алборг, затоа што игра со брза транзиција и без крвнички стартови во одбрана, сепак е нивни „домашен терен“ и тие во првиот дел не направија техничка грешка, но имаа неколку нереализирани шутеви.
Данците го контролираа првиот дел, но Пелистер беше постојано блиску, израмнуваше, изнудуваше аплауз од своите фанови и тоа траеше до 20 минута. Потоа Алборг зголеми на плус два, во 26 минута стана и плус три и тоа беше резултат од полувреме.
Уште на почетокот на вториот дел Алборг постигна три гола во серија и многу брзо стана 20-14, плус шест
за гостите пред Пешевски да ја скрати нивната серија.
Потоа се направи рамнотежа во која Данците беа во многу поповолна положба. По нивното водство од 24-17, битолчани постигнаа два гола по ред, се разбуди публиката, но веднаш реагираше со тајм аут Стефан Мадсен и веднаш потоа поентираа и спречија серија.
Во вториот дел имаше повеќе искри на терен, но резултатот не трпеше драматични промени. Данците искусно контролираа сѐ и покрај големите ротации, а битолчани не успеваа и покрај вложениот труд да намалат под пет гола сѐ до последниот напад кога Цехте го постигна конечниот резултат.
Поврзани вести