Голден Арт со нов тренер во битка за опстанок

Ќе биде во најмала рака чудна глетка тренерот Стојан Петрушевски да го гледаме на клупа, а тоа да не биде клупата на Вардар. 
Но, Петрушевски вчера го тренираше Голден Арт, а за деби ќе ја почекаме првата недела во март и гостувањето во Неготино, со оглед на тоа дека викендов противник требаше да им биде Аеродром. Таа средба ќе биде службено регистрирана, а Петрушевски добива една недела плус тренинзи до првиот официјален меч. 

Ќе биде чудно да го видиме Петрушевски на клупа на друг клуб затоа што минативе 25 и повеќе години е нераскинлив дел од екипата на Вардар. По завршувањето на играчката кариера, премина во тренери, беше асистент во црвено-црниот тим на повеќе познати ракометни стручњаци, на моменти беше и прв тренер, човек на кој клубот можеше за сѐ во секое време да смета. Па така Петрушевски работеше и со млади и со стари за конечно, од денеска да ја продолжи кариерата во нова средина. 

Голден Арт на ваков чекор се одлучи по два порази во Плејаут шампионатот. Во есенскиот дел беа најдобро пласирани и со три бода влегоа во разигрувањето. Но, таа предност веднаш ја прокоцкаа на дуелите со Мулти Есенс и Прилеп и сега се на делба на последното место со Вардар Неготино и Скопје 2020. 


Ако не знаевте: Стојан Петрушевски како тренер е легитимен сопственик на два големи резултати на Вардар. Пред ерата на Самосоненко, победа на Вардар над европски гигант не беше ни лесно замислива, а не пак изводлива. Но, сеедно, во моменти кога Вардар ќе променеше тренер, во улога на в.д. тренер најчесто завршуваше Стојан Петрушевски. Тоа се случуваше и среде сезона, па така Петрушевски го има водено Вардар во ЛШ на натпревари со Кил и Магдебург. И има запишано нерешено со Магдебург (27-27) во декември 2001 во Скопје кога „влета“ како замена за Љубомир Обрадовиќ и победа над Кил (27-26) во декември 2002 откако клубот претходно се раздели со Јошко Петковиќ. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk