Сакаа дрим тим, добија „коњи“ за парада

Дуелот меѓу Колстад и Загреб беше резултатски најважниот меч во ЛШ денеска, директна битка за последното место што води во елиминациите. По катастрофата што му се случи на Колстад во Загреб (20-31), се очекуваше жесток одговор од норвешкиот дрим тим. 
Но, во „дрим тимот“ освен познати лица што до лани играле добро во некои други екипи не видовме ништо посебно. Загреб, веруваме од играчки, мотивациски и од агол на борбеност поголема мака ќе види кога ќе игра во првенството на Хрватска против Сесвете отколку вечерва што виде со Колстад. 

Разбиена војска беше Колстад уште во првото полувреме. Почетнички грешки, одбрана што во ракометните учебници ќе биде во лекциите „како не треба“, а Загреб кој уште и играше без двајца важни играчи (Срна и Кларица) а во текот на мечот остана и без Куни Моралес изгледаше како дрим тим во однос на норвешките ѕвезди за парада. 

Осум гола разлика во првиот дел, во вториот во неколку наврати и плус 10 за Хрватите, за конечни 34-25.

Лажна утеха дека како клупски ракомет не сме сами на дното на Лигата на шампионите ни приушти вечерва Целје Пивоварна Лашко. Го запишаа 12 пораз од 12 одиграни натпревари словенечките ракометари. Играа дома против европскиот шампион Магдебург и запишаа пораз од 10 гола разлика (27-37). 

Данскиот Алборг губеше гол-два разлика на домашен терен од екипата на Пик Сегед сѐ до 45 минута од натпреварот. И потоа во последните 15 минути со серија од 9-2 стигнаа до убедлива победа од 31-26 и привремено се на делба на првото место во групата, заедно со Кил кој утре игра против Е. Пелистер на домашен терен. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk