Драматично дерби со победа за Алкалоид

РК АЛКАЛОИД ОСТАНА ЛИДЕР НА ПЛЕЈОФ ТАБЕЛАТА
РК АЛКАЛОИД - ГРК ТИКВЕШ  26:25 (14:12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михајло и Методија Илиевски. Контролор: Драган Начевски
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајковски, Џонов 5, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 7, Велковски, Омерагиќ, Бинго 2, Д. Митев, Савревски 1, Димовски
Седмерци: 3/7 Исклучувања: 8 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Гемаљевиќ, Велков, Анастасовски 1, Мијатовиќ 1, Темелкоски, Соколов, Бакев, Стефановиќ 2, Манасков 6, Окардов, Шулески 1, Коцев, Симиќ 6, Мајиќ 1, Гачевиќ 1, Обина 6
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 6 мин. 


Алкалоид го доби дерби мечот со Тиквеш во второто коло од суперлигашкиот Плејоф. Победата на скопскиот тим извојувана многу потешко од очекувањата, гостите беа блиску до бод, но не успеаја да погодат во последниот напад. 
Алкалоид одигра со осцилации, а слабата реализација на пенали за малку ќе беше казнета вечерва. Но, на крајот беа фокусирани и стигнаа до планираните три бода. 



Гостинскиот состав со подлабока одбрана „излезе“ на стартната постава на Алкалоид, но одбраната на Алкалоид беше клучна за развојот на настаните во првиот дел. Во две третини од полувремето, не беше на нивото зоната на домашниот состав, немаше поддршка од голманите, а тоа го искористија кавадаречките ракометари и по почетното испитување и резултатска нишалка до 6-6, влегоа во серија и со четири гола по ред стигнаа до водство од 10-6, а потоа и 12-8. 


По ова почна Алкалоид да игра сериозно во одбрана, ротацијата во игра го внесе Џонов, Трајковски почна да брани и од 24 минута и резултат 8-12, со серија од 6-0, Алкалоид дојде до водство од 14-12.
За одбележување е враќањето на Костадин Петров по долгото отсуство поради повреда. 
Заслужува и гостинскиот состав пофалби за првиот дел, играа отворено, ги казнуваа грешките на противникот. 



Алкалоид беше во добар ритам и тоа продолжи и на почетокот на вториот дел, поведе со плус пет (18-13). Едно исклучување во домашниот тим го наруши ритамот и кавадарчани успеаја да го запрат налетот и резултатски да се вратат во игра и до минус два гола (17-19). 
Со тоа се врати и резултатската неизвесност во натпреварот и како одминуваше времето, така се зголемуваше и притисокот врз двата тима. 
Во 53 минута Тиквеш израмни и потоа до крајот се играше гол за гол, со тоа што Алкалоид поведуваше, Марко Митев и Серафимов воглавно беа задолжени за головите, но и Тиквеш израмнуваше, преку Обина или седмерец изнуден на линијата. 
Последниот напад на гостите за реми заврши со шут на Мартин Мансков од немногу добра позиција и одбрана на Благојче Трајковски, по што Алкалоид запиша тешка и важна победа. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk