Кадетен ја надмудри Војводина, голеада во Данска

Стартуваше Главната рунда на ЕХФ Европската лига со натпреварите од првото коло по вкрстувањето, вкупно трето ако се земат предвид и бодовите што се пренесоа од Прелиминарната рунда. 

Војводина со минус од шест повредени играчи гостуваше кај Кадатен Шафхаузен кому недостасуваа „само“ тројца. Натпреварот почна со игра, ритам толку бавен со што слободно може да биде сместен дури и во првото коло од македонскиот суперлигашки Плејоф.
Или со други зборови, како да го креирале по свој вкус и брзина плејмејкери кои имаат по 37 години (Кањељас и Пуховски). 
Кроце- покроце, Војводина на која поради скратената ротација во некоја рака и прифати ваква игра успеа да стигне до водство од 10-6 по нешто помалку од 20 минути игра. 
Но, дојде на ред ротацијата и првите поголеми проблеми. Стариот мајстор Кањељас си го покажа својот квалитет, голманот Пилиповиќ си го одработе својот дел, па Кадетен со серија од 8-1 направи пресврт и поведе со 14-11. 
Вториот дел по слично сценарио. Првите десетина минути израмнето, а тоа во случајов беше плус два за Кадетен, а потоа домашните отидоа и на плус пет (22-17). Потоа за домашните беше полесно, се разиграа малку повеќе. Гостите бараа решенија, но нив се помалку ги имаше и на крајот бодовите останаа за домашните. Конечен резултат 27-24. 

На север, во Данска, се играше ракомет од новиот милениум, а се сретнаа Скјерн и Горење. „Летаа“ играчите на двата тима низ теренот, а побрзи и повешти беа данските играчи, особено на крајот на првиот и почетокот на вториот дел, па во 49 минута Скјерн веќе имаше постигнато 37 погодоци и имаше водство од 10 гола разлика. 
На крајот, голеадата запре при резултат 45-31!

Слично убав и гледлив ракомет се играше и во Германија, каде што Хановер го пречека Нант. Победија Французите (38-32) кои во вториот дел беа посконцентрирани, а ги имаа во своите редови и супер-расположените Омерик Мин и Тео Авеланж кои постигнаа по 10 гола, со вкупна статистика 20/21!

Во Романија се водеше поинаква војна, а Констанца постојано го држеше во клинч лидерот на Бундеслигата, Фуксе Берлин. Имаа и плус три Романците (19-16), но многу рано стигнаа до таква предност, па имаше на претек време Берлин да се консолидира. Берлин на овој меч не ги трошеше на пример Гидсел и Тејгум... а главни играчи беа свежите, тие што беа на ЕП како Ласе Андерсон, Пол Друкс и Јери Толбринг на пример. 
Финишот им припадна на Германците, поведоа со три гола разлика и таа разлика беше недостижна за одличната Констанца. Конечни 29-32. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk