КОЛУМНА ДРАГАН ЃУКИЌ : Ништо не успева како успехот

Авторот на колумната, Драган Ѓукиќ,  е master coach на ЕХФ, поранешен селетор на Македонија, Ц. Гора, Израел, Швајцарија, Јордан и селектор кој ја водеше В. Британија на ОИ Лондон.
На клупски план бил тренер на Вардар, Пик Сегед, ЧСМ Букурешет (жени), Макаби, Мадеира, Ц. Звезда, Металопластика, АЕК Атина итн. Во моментов е ангажиран како прв тренер на унгарскиот тим Татабања


„NA ISTOKU STARE PRIČE, NA ZAPADU NIŠTA NOVO“
или како наједноставно во само една реченица го опишам пласманот на штотуку завршеното натпреварување на „стариот континент“. 

ЗАПАД
Конечниот пласман на шампионатот ја отсликува моменталната реалност на денешниот европско/светски ракомет. Доминантните нации неприкосновени се на врвот и ако само набрзина фрлиме поглед на земјите носители на медали на четирите последни големи натпреварувања, ќе видиме дека ништо битно не се променило. „Киксот“ што овој пат и се случи на Шпанија, секогаш е возможен, но да бидеме искрени, се случува еднаш во 15 години. Претходниот им се случи на Валеровите „бебиња“ (Валеро Ривера) на СП во Хрватска 2009 кога на општо изненадување не пројдоа во вториот круг. Потоа се прегрупираа и се вратија посилни, помотивирани и подобри и четири години подоцна станаа светски прваци, на домашното натпреварување во 2013. Треба ли овде да напоменам дека Шпанија ќе биде домаќин на ЕП 2028? 

Самиот финален меч беше одмерување на силите за ОИ Париз и ништо тука не беше случајно. И едните и другите дадоа сѐ од себе за да му испратат порака на ривалот. На крајот се радуваше Франција која покажа уште еднаш дека кога ќе дојде ситуација да се решава постои и некој „петти кец“ како што тоа убаво го велеше Балашевиќ. 
Данска е без дилеми најквалитетната селекција во овој момент во светскиот ракомет, но Франција е таа екипа што може да ги победи било кога и било каде. 

Да се потценува тоа што Шведска го направи во претходните пар години (Финале на СП Египет 2021, шампиони на Европа 2022, вицешампиони 2018, до бронзата и билетот за ОИ и тоа преку домаќинот) за мене повеќе зборува за несериозноста на сите тие „сериозни“ аналитичари.
Некој многу работел „позади“ сцената за сето тоа да го направи возможно. А, ако некој и покрај сѐ и натаму не е уверен, нека ги погледне малку и резултатите на женската селекција, младите селекции, но и натпреварувањата што ги организирале, а и тие што допрва ќе ги организираат, па можеби некои работи ќе станат појасни. 
И да, навистина, „Ништо не успева како успехот“, ама и тој не доаѓа преку ноќ. 

ИСТОК
Некоја прва мисла во главата ми е пост на една од социјалните мрежи на еден познаниник од унгарскиот ракомет, т.н. „агент“ (начин на модерно и правилно го изговориме и напишеме оној непопуларен термин - менаџер).
УНГАРИЈА - ЕКС ЈУ  4:0. 
Господинот со ова сакаше да истакне дека на ова нивно патување, досега никогаш подобро (петто место) стигнаа така што победија четири селекции кои ние слободно можеме да ги наречеме „свои“.
Овој пат нема да се занимавам со поединечните остварувања, го оставам тоа на оние што се одговорни. 
Првата жртва/глава веќе падна. Во ликот на тивкиот шпански џентлмен на клупата на Србија.
Прашање на ден/месец е „Кој е следниот“?
Затоа што - тоа сме ние. И колку и да не би да сме „исток“, тој не излегува од нас... Кој рече „село“? 
Навистина, никој не може толку да не спушти, симне толку ниско колку што тоа го можеме самите. И го правиме. 
Разединети, мали, без планови за утрешниот ден, а не па за првите следни квалификации за кои веќе отчукува часовникот. Или олимпискиот циклус пред нас, во кој можеби како никогаш порано зачекори маса на млади играчи (Мартим и Франциско Кошта, Гидсел и Питлик, Кнор и Костер, Кларица, Срна и Кузмановиќ, Хутечек и Мостл, летечкиот Грузиец Чковербадѕе, Чехот Клима), па и селекции желни за успех (пред сѐ Австрија, па потоа Фараните, Грузијците)...
Нешто што до вчера беше за нас резервирано, очекувано и нормално.
Се плашам дека тоа што ни се случуваше 90-тите (притоа не мислам на војна туку на поместувањата на светската геополитичка сцена) кога не бевме подготвени живеејќи ги сопствените соништа во една прекрасна земја, култура и опкружување на презаситеност, така и сега помалку не сме свесни дека доколку не се прибереме и собереме, наскоро нема ни да не има на големата сцена или ќе бидеме марионети со домет до првиот круг. 

Во тоа нема да ни помогнат препишување на рецепти од кујната на Џејми Оливер, затоа што ние никогаш нема да бидеме поснажни од Французите, да играме подобро 6-0 од Данците, да трчаме како Норвежаните. Кој се занимава со тоа однапред е осуден на „реалност“. Само тие малку похрабри кои имаат визија како да ги сонуваат своите соништа до крајот можат да ја сменат иднината која, очигледно, веќе е почната. 

Не е случајно дека тоа што ја красеше трофејната хрватска генерација беше хумор, препознатливост, идеја - Да се биде свој и да се биде тоа што си често е најголемиот проблем за тие што веќе го загубиле својот ракометен идентитет. Дали сме и ние тука некаде или ми се чини? 

МЕСТО ЗАКЛУЧОК

ТИМОВИ
Најефикасен напад - Франција - 34 гола по натпревар
Најдобар контранапад - Шведска - 54 (52 колективни!) со ефикасност од 89%
Најмалку технички грешки - Австрија - 7 по натпревар 
Најмногу пасови по натпревар - Шведска - 723 просек, со ефикасност 98.6!
Претрчана дистанца - Франција -31.3км (просечно)
Најмногу седмерци ЗА - Данска - 40/45 или 89% реализација
Најдобра одбрана - Шведска - 28 гола по натпревар
Најмногу голмански одбрани - Данска - 127/360 - 35%
Најмногу исклучувања - Унгарија - 31 на 8 натпревари

ПОЕДИНЦИ
Најдобар стрелец - Мартим Кошта - 54 на 7 натпревари -7.71 по натпревар
Најбрз спринт - Дилан Наи - Франција - 31.57км/ч (8.75 м/с)
Најдобар асистен - Недим Ремили - Франција - 5.87 по натпревар
Претрчана дистанца - Лукас Хутечек - Австрија - 4.5 км по натпревар
Најуспешен голман - Емил Нилсен - Данска - 39.8 % одбранети удари






 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk