-
27.01.2024
-
Вести, Актуелно
Македонија го доби противникот за бараж дуелот за пласман на СП 2025, а тоа е репрезентацијата на Фарски Острови. Екипа која до пред ова ЕП ќе ја сметавме за добра ждрепка, откако ги видовме на дело, веќе не мислиме така. Напротив, ќе излажеме ако речеме дека Македонија имаше среќа. Имавме среќа само во одреден дел, а тоа дека ги избегнавме Србија и Швајцарија, но „раат“ нема да имаме додека за завршат двата баража. Но, подвлечено, поголеми шанси за пласман на СП има Македонија.
Фарски острови прв пат посериозно почнавме да ги следиме во 2022 година кога нивниот јуниорски тим (У20) на ЕП ја совлада Данска, а играч по има Елијас Елефсен а Скипаготу им даде девет гола (33-32). Потоа ја победија и Норвешка (33-31, Скипаготу 12 гола), а потоа ја збришаа Полска 38-32 (18-11).
Истата година на У18 ЕП, Фарски уште во првото коло ја совлада Франција! Потоа загубија од Шпанија и Шведска, но остана запишано дека на Шведска, играч по име Оли Митун и даде 17 гола!
Истиот тој Оли Митун стана МВП на првенството и најдобар стрелец со 80 гола, а успехот го повтори во 2023 на Светското У19 првенство со 87 постигнати гола!
Трет играч што ја надополнува оваа генерација е десното крило Хакун Вест ав Тајгум. Тој во 2020 потпиша за данскиот Скандеборг и го видовме во Европската лига во Битола како на Пелистер му дава 11 гола од 13 шута. По ова следеше голем трансфер и Тајгум се пресели во екипата на Фуксе Берлин.
Елијас Елефсен а Скипаготу играше за Савехоф, а потоа направи трансфер во Кил, дојде како замена за Сандер Сагосен. А кога машинеријата на Кил анализирала и одбрала, тогаш нема поголем комплимент за играч. Затоа што за Кил - не може да игра секој.
Најмладиот, Оли Митун (19) сезонава потпиша за шведскиот Савехоф, а веќе следната, најверојатно ќе го гледаме во ПИК Сегед.
Кога зборуваме за Фарски Острови и нивните 55.000 жители треба да напоменеме дека од списокот од 35 играчи, околу 25 играчи не играат на островите туку се во Скандинавијата и Германија. Не се висока репрезентација, во најголем дел се 185-190 см на возраст од 19-25 години. Грото, најдобрите, се на возраст под 23 години и високи под 190 см.
На тековното ЕП, Фарски Острови беа бодрени во живо од околу 5.500 нивни фанови или 1/10 од вкупната популација. Беа хит во Берлин и сигурни сме дека таков хит би сакале да видат и Данска/Норвешка кои се коорганизатори на СП заедно со Хрватска.
Фанатизмот се зголеми кога во нивната најдобра партија успеаја да одиграат нерешено со Норвешка. Потоа и со Полска беа рамноправни до 50 минута, а Полјаците ги добија на сирова сила (читај Шипжак, Сичко, Гебала). Течноста во нивната игра, транзицијата, решенијата што ги нуди првенствено триото споменати играчи, плус десниот бек Поулсен, и левото крило Хансен ги направија омилени кај публиката во текот на целото првенство.
Нивна слаба страна е што се работи за првенствено напаѓачка репрезентација и дефанзивната линија ни оддалеку не е импресивна како нападот. Голманите не им се силна страна, физичката сила исто така. Млади се и уште не виделе како изгледа скопски пекол.
Тоа што реваншот се игра во Скопје е адут плус за македонскиот тим. Но, по еуфоријата и фанатизмот што ги зафати на ЕП, очекуваме барем на првиот меч да играат над своите можности и ако не бидат скротени на време, можат да ни направат проблеми.
Поврзани вести