Од тековното Европско првенство, ќе има една голема придобивка. Една работа ќе им биде расчистена и на тие што играат и на тие што судат и на тие што седат на записничката маса, на новинарската табла или во публика и пред ТВ.
Истеченото време не се враќа! Тоа е против правилата. Времето може да се врати единствено ако погреши мерачот на време или ако стоперката или официјалнот часовник не функционираат.
Требаше да се случи хаос за ова да биде расчистено. Среќа што хаосот се случи на натпревар на Данска инаку немаше да биде расчистено.
Имено, Данска постигна (нерегуларен) гол на 17 секунди до крајот на дуелот со Шведска. Судиите го признаа голот, Швеѓаните реагираа. Кога конечно, судиите попуштија под реакциите и го запреа времето, на семафорот беше 59:57.
Лесно можеше и да не го запрат и натпреварот да завршеше.
На видео анализата, судиите увидоа дека погрешиле и дека Данска имала додавање плус. Уредно го поништија голот и на семафорот го вратија времето кога прекршокот бил направен - 59:43.
Потоа Шведска постигна гол, што судиите го поништија поради престап. Тој гол спред многу експерти што ги читавме и прашавме е регуларен.
Се огласи и ЕХФ. Голот на Шведска не е коментиран тој е домино, follow up нa погрешна судиската одлука.
ЕХФ потврди дека враќањето на времето од 59:57 на 59:43 не смеело да се случи. И покрај фактот дека судиите погрешија и признаа нерегуларен гол.
Истеченото време не смеело да се врати. Тоа е против правилата. Времето може да се врати единствено ако погреши мерачот на време или ако стоперката или официјалнот часовник не функционираат.
Да бидеме искрени, со текот на годините, враќање на време сме виделе многупати. И тоа не само во Македонија, туку и на меѓународни натпревари, како нешто сосема нормално. И не само затоа што мерачот на време не реагирал соодветно или семафорот не работел, туку во многу случаи токму каков што е и горенаведениот случај. И со оглед на тоа дека во најголемиот дел од случаите немало видео анализа, тоа било паушално пет секунди, три секунди, осум, десет...
Излезе дека најчесто сме се возеле во погрешната лента.
Веруваме дека многумина сега ќе изреагиаат дека го почитувале ова правило, но убедени сме дека Хорачек и Новотни направија нешто што многу судиски парови би го направиле. Во тоа не се сомневаме.
Впрочем и двата тима, а во прашање се светскиот и европскиот шампион, продолжија да играат и не реагираа на вратеното време што кажува дека и тие не знаеле каква е процедурата.
Веројатно овде добро би легнала и флоскулата - затоа ракометот е таму каде што е - во однос на другите спортови со многу појасни и подефинирани правила.