Трансферот што беше најавуван во јавноста, а беше негиран од клубот, сепак ќе се реализира.
Дејан Манасков, македонскиот ракометар потпиша договор со Еурофарм Пелистер и во продолжението на сезоната ќе го носи дресот на битолскиот суперлигаш.
Дејан Манасков минатата сезона ја заврши како ракометар на Вардар, а годинава не направи трансфер и сѐ досега беше без клуб. Се очекуваше заминување во странство, но паралелно со тие шпекулации се „вртеше“ приказна и за трансфер во Е. Пелистер.
Денеска, конечно, крај на дилемите, Е. Пелистер објави дека Дејан Манасков е нивни ракометар. Е. Пелистер на позицијата лево крило ги има двајцата македонски репрезентативци - Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ, па конкуренцијата на пролет ќе биде жестока.
Неговото презиме предизвикува емоција кај армијата наши навивачи. Манасков пак ќе постигнува голови во дресот на Пелистер! Задоволство ни е што по децении и децении уште еден Манасков е наш член.
Дејан Манасков е нов член на Еурофарм Пелистер и од денес им се става на располагање на новите соиграчи и членовите на стручниот штаб. Левото крило со богата интернационална кариера целосно се вклопува во мозаикот на тим сочинуван од најдобрите македонски ракометари и елитни странци. 31-годишниот Манасков поникна во Металург, ги носеше дресовите на Вецлар, Рајн Некар Левен, Веспрем и Вардар 1961, а со македонската репрезентација беше дел од сите успеси во последната една деценија.
Дејан Манасков беше првак на Македонија и Унгарија, неколку пати играше на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн во дресот на Веспрем, ја освојуваше СЕХА лигата, а во својата витрина има многу индивидуални признанија.
Манасков првиот тренинг со новите соиграчи ќе го има утре, а првиот официјален натпревар е предвиден на почетокот на плеј-офот во февруари.